Голем пожар во Грција: Властите ги повикаа граѓаните да се евакуираат

588

Голем пожар утринава изби на грчкиот остров Андрос во близина на селото Ремата, по што локалните власти ги повикаа жителите на селото итно да се евакуираат.

Како што пренесуваат грчките медиуми, огнената стихија зафатила нискостеблеста шума, а во борбата со огнената стихија учествуваат 15 пожарникари со пет возила и два авиони.

„Ги повикуваме жителите на селото Ремата да се евакуираат поради големиот пожар и проблемите со чадот кои се проширија во таа област. Ги молиме сопствениците на автомобилите кои ги имаат паркирано своите возила во близина веднаш да ги тргнат“, порача првиот човек на Андрос, Димитрис Лоцарис.

Од противпожарната служба соопштија дека пожарот се наоѓа во близина на селото, но засега не постои опасност по куќите. Како што пренесуваат грчките медиуми, борбата со огнената стихија на пожарникарите им ја отежнуваат силните ветрови.