Американското Федерално истражно биро обвинува дека истакнати богати родители преку врски ги запишувале своите деца на најпрестижните американски универзитети.
Актерките Фелисити Хафман и Лори Лаглин се обвинети дека заедно со уште најмалку 40 лица, учествувале во скандал, во кој богатите родители ги подмитувале тренерите на колеџите и луѓето од центрите за тестирање за да им помогнат на нивните деца да се запишат во најелитните универзитети во земјата, соопштија од обвинителството.
Наводно митото било исплаќано преку консултантска компанија во Калифорнија, а според ФБИ, родителите вкупно платиле околу 25 милиони долари на основачот на “Edge College & Career Network”, за нивните деца да се запишат на престижните универизитети како што се Јејл, Џорџтаун и Стенфорд.
Обвиненија биле подигнати против 33 родители, како и 13 тренери и соработници на Вилиеме Рик Сингер, сопственик на “Edge College & Career Network”.
„Овие родители го претставуваат каталогот на богатството и привилегиите“, изјави американскиот адвокат Енри Лелинг, истакнувајќи дека за секој студент кој што бил примен на универзитетите благодарение на оваа измама, бил одбиен по еден вистински талентиран студент.
Поранешен тренер на Универзитет ја признал вината и помогнал да се изгради целиот случај против останатите. Според ФБИ, тренери во најразлични спортови, добивале мито за да ги стават студентите на листата на регрутирани спортисти, без оглед на нивните способности.