Германската полиција во Хамбург вчера, во соработка со државното обвинителство, започнала акција за претрес во просториите на фармацевтската компанија “ZytoService”, како и во повеќе ординации на лекари, аптеки, една болница, приватни имоти, поради сомнение за измама со лекови против рак.
Станува збор за најголем претрес некогаш направен во Хамбург, а во акцијата учествуваат повеќе од 420 полицајци и шест обвинители, пренесуваат германските медиуми.
“ZytoService” е водечки произведувач на инфузии кои се користат во терапии против рак.
Портпаролот на обвинителството за економски криминал, Лиди Ехтеринг, рекла дека се води истрага против 14 лица, меѓу кои тројца аптекари, девет лекари и две лица на водечки позиции во претпријатието.
Според германската телевизија ARD, оваа компанија подмитувала лекари.
Од јануари 2017-та година некои лекари од “ZytoService” добиле пари во висина од повеќе од милион евра. Добивале неверојатни позајмици, користеле луксузни возила, а на некои им била купувана опрема за во ординациите.
Die Polizei und mehrere Staatsanwälte haben am Dienstag die Hamburger Firma ZytoService sowie 47 Objekte im Umfeld des Unternehmens durchsucht. Die Firma ist der Marktführer bei der Herstellung von Infusionen für Krebstherapien. Bei der Großrazzia geht es um Bestechung und Betrug pic.twitter.com/AzZV41vOaX
— EHA News – Deutsch (@eha_deutsch) December 17, 2019
“ZytoService” за возврат од лекарите барал на пациентите да им се препишува инфузијата која ја произведува таа компанија.
Ехтеринг вели дека обвинителството ги товари осомничените за подмитување, примање мито и финансиска измама.
Во терапијата против рак лекарите одлучуваат кои специјални аптеки да им ги препорачаат на пациентите за купување на инфузии со нивни рецепти.
Една терапија чини до 100.000 евра.
Ваквите рецепти се многу профитабилни за аптеките и произведувачите на лекови, па во фармацевтската индустрија се нарекуваат и “Фармацевтско злато”.