Синоќа се случи голема трампа во најсилната кошаркарска лига.
По 11 години поминати во Портланд, Демиен Лилард се сели во Милвоки Бакс.
Во составот на “елените” го пречекува поранешниот MVP, Јанис Антетокумпо со кој ќе се обидат да ја вратат титулата во Висконсин. Пред неколку месеци, Лилард го наведе токму грчкиот репрезентативец како играч со кој би сакал да еден ден да биде соиграч.
Портланд се раздели со најдобриот играч во тимската историја.
Нови играчи во тимот од Орегон се поранешниот прв пик на драфтот, Диандре Ејтон кој доаѓа од Феникс како и ветеранот Џру Холидеј и дебитантот Туману Камару. Во Феникс пристигнува босанскиот репрезентативец, Јусуф Нуркич како и младите крила Назир Литл и Кион Џонсон а во пакетот од оваа обемна размена е приклучен и бекот Грејсон Ален.
Главна причина за заминувањето на Лилард од Портланд е желбата да игра во конкурентен тим кој ќе се бори за шампионскиот прстен. Пред некое време, лидерот на Милвоки, Јанис Антетокумпо јавно изјави дека очекува сериозни засилувања и активност од страна на управата.
Демиен Лилард е најдобриот стрелец во историјата на “блејзерси” со над 19.000 постигнати поени. Ланското првенство беше трет стрелец во NBA со над 32 поени по натпревар.
NBA FAN
Димитар Младеновски