Голема штета: Македонија се врати од 2 гола негатива но прими гол за пораз

689

Македонската фудбалска репрезентација се врати од 2-0 и за една минута постигна два гола,  но по едно невнимание во финишот, синот на Георге Хаџи, Јанис постигна победеносен гол за романскиот национален тим. Финалните 3-2 (1-0) можеа да изгледаат и поинаку ако ги искористевме шансите и имавме повеќе среќа во финишот.

Ангеловски се одлучи за 3-4-3, со „италијанското“ трио Елмас- Пандев-Несторовски во нападот, а Радои ја изненади јавноста, оставајќи ги на клупата Пушкаш и Хаџи. Двете селекции почнаа офанзивно, а во четвртата минута Македонија првпат се закани преку Стефан Ристовски и неговиот опасен центаршут од десната страна, кој Нита едвај го скроти. Во осмата минута Алиоски и Пандев му подготвија два зицери на Несторовски, но прилепчанецот двапати лошо биеше и пропадна ветувачки контра напад.

Во 15. минута Радои беше принуден на замена, бидејќи повредениот Коман му отстапи место на Михаила. Во 17. минута Столе Димитриевски првпат интервенираше, откако лесно го одбрани централниот удар на Денис Ман. Две минути подоцна од голема далечина се обиде и Банку, но пак нашиот голман беше добро поставен. Во 21. минута Пандев доби употреблива топка, се обиде со лоб да го отвори резултатот, но го префрли цел гол и шансата отиде во неврат.

Македонските промашувања ги казни Романија, со гол за водство во 28. минута. Киракеш со прецизна топка го најде Танасе, овој му побегна на Бејтулау и со пласирана топка го матира Димитриевски (1-0).

Во 33. минута, по една убава акција, Елмас од изгледна позиција биеше во надворешниот дел на мрежата, а минута подоцна романската одбрана го изблокира ударот на Пандев. Николов шутираше во 37. минута, но централно, па романскиот голман Нита интервенираше. Како ретко на гостувањата, Македонија креираше многу во првиот дел, но мора да го брка водството, заради една дефанзивна амнезија.

Второто полувреме не можеше подобро да започне за Романците, бидејќи дебитантот Михаила со прекрасен удар од далечина го совлада Димитриевски и зголеми на 2-0.

Мораше да реагира Ангеловски и ги внесе Стојановски и Адеми на местата на Несторовски и Николов. Во 58. минута Димитриевски чудесно му одбрани зицер на Кушеру од само неколку метри. По еден час игра се појави Барди, ја измеша одбраната на Романија, но биеше за малку крај дирекот. По грешката на домашниот голман, Македонија доби индиректен удар, но обидот на Барди иво 67. минута беше изблокиран. Во 70. минута нашата селекција бараше најстрога казна, откако по центаршутот на Ристовски, со рака играше Попеску, но судиите не ја прекинаа играта. И среќата им го сврте грбот на македонските фудбалери, бидејќи во 73. минута тројна шанса имаше нашиот национален тим, но не успеаја Адеми, Стојановски и Барди. Во 77. минута Ангеловски го замени Пандев со Трајковски, што беше последен обид да се врати неизвесноста во натпреварот. Во 83. минута Македонија се врати во игра, откако по центаршутот на Алиоски, највисоко скокна Адеми и ја закова топката во домашната мрежа (2-1). Романците се збунија, останаа без организација и здив и по додавањето на Барди, „џокерот“ Трајковски го матира Ниту и израмни на 2-2.

Кога се чинеше дека нашиот национален тим го контролира натпреварот и може да откине бод, во 86. минута Романија нападна по десната страна, топката помалку среќно стигна до Јанис Хаџи, кој со прецизна дијагонала ги постави финалните 3-2. Во судиското надополнување заради офсајд беше поништен израмнувачки погодок на Адеми.

Во луд натпревар во Букурешт, помалку и среќата ја напушти македонската репрезентација, па со пораз ги почнува мундијалските квалификации. Шанса за поправен има веќе в недела кога во Скопје гостува Лихтенштајн.