Големо засилување за грчката армија: Грција купува моќни борбени авиони во екот на тензиите со Турција

764

Грција започна преговори со Франција за купување на борбени авиони во рамките на новиот план за набавка на вооружување, пренесува „Ројтерс“.

„Преговараме со Франција, но и со други земји, за да го зголемиме одбранбениот потенцијал на нашата земја. Во тој контекст се води и разговор за набавка на борбени авиони“, изјави неименуван висок функционер од грчката влада за британската новинска агенција „Ројтерс“.

Претходно во текот на оваа седмица грчките медиуми објавија дека нивната земја преговара за набавка на 18 борбени авиони “Dassault Rafale“. Извор од француската влада откри дека се уште не е постигнат договор, но се разговара на повеќе теми.

Оваа вест пристигнува во периодот кога тензиите помеѓу Грција и Турција се на исклучително опасно ниво поради турските активности во Средоземното море.

Франција минатиот месец во екот на кризата на источниот Медитеран ја испрати својата фрегата “Lafayette” и два борбени авиони “Rafale” и активно се вклучи во решавањето на конфликтот помеѓу Грција и Турција, отворено застанувајќи на страната на Атина.

Инаку, “Dassaul Rafale” е повеќенаменски авион од 4+ генерација со два мотори кој успешно врши задачи во воздушна борба и може да уништува цели на земја и морска површина.

Освен тоа што учествуваше во неколку воени конфликти и акции, како во Либија и Сирија, овој борбен авион стекна светска слава откако пред 10 години француски пилот на воена вежба успешно победи американски “F-22 Raptor“, борбен авион од петта генерација кој и денес важи за еден од најдобрите на светот.