Грција ги отвора јавните куќи, но клиентите имаат 15 минути и прозорците мора да бидат отворени

691

Грчките власти од оваа недела во рамки на попуштањето на мерките им дозволија работа и на борделите, но услов е секој клиент да има максимално петнаест минути, јавува Би-би-си.

Грција забележа релативно мал број случаи на коронавирусот. Според Универзитетот Џонс Хопкинс потврдени се 3.148 случаи на зараза, и 185 смртни случаи поврзани со вирусот, па владата дозволи отворање на економијата и патувања.

Од понеделник можат да работат и јавните куќи, но под строги услови.

Посетите се ограничени на 15 минути по клиент, а препорачани се маски и за давателите на услугите и за клиентите.

Вратите и прозорците мора да бидат отворени за да може да влегува воздух, плаќањето е дозволено само со кредитни картички, а борделите мораат четири недели да чуваат листи на клиентите со имиња и телефонски броеви во случај властите да треба да им влезат во трага на контактите.

И други земји размислуваат за отворање од овој вид.

Холандија планира да ги отвори борделите на 1 септември, иако постојат барања тоа да се направи порано.

Сексуалните работници низ светот се плашат за својата работа, а некои работеа и за време на пандемијата за да можат да преживеат.