Грешката во системот на британската влада за тестирање и следење на заразените со Ковид-19 можеби помогна во поттикнувањето на ширењето на индиската мутација во Блекбурн, еден од најтешко погодените градови од пандемијата на коронавирус во Велика Британија.
Поради софтверска грешка, имињата на повеќе од 700 заразени и нивните блиски контакти не биле веднаш проследени до здравствените тимови, со што е овозможено понатамошно ширење на заразата, пренесува британски „Гардијан“.
Бројот на нерегистрирани случаи е најголем во Блекбурн и Дарвен каде што околу 300 луѓе, како што се верува, се „изгубени“ во системот поради грешка при надградбата на софтверот.

Здравствените тимови во овие два градови се уште се обидуваат да пронајдат стотина луѓе кои „исчезнале“ од националниот систем.
Локалните власти стравуваат дека потенцијално заразените луѓе сега би можеле да се движат во заедницата затоа што не биле известени дека треба да се самоизолираат.