Груевски: Oд Македонија заминав едноставно, власта нека ги открие деталите за бегството како што ветува

878

Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во своето интервју за ТВ Сител изјави дека на многу едноставен начин избегал од Македонија.

– Од Македонија заминав многу едноставно, заминав во Албанија, се пријавив во Унгарската амбасада во Албанија, побарав политички азил. Заради безбедносни причини, како поранешен долгогодишен премиер, бев транспортиран до Унгарија – изјави Груевски на поставеното прашање на кој начин избегал од Македонија.

Поранешниот премиер не сакаше да одговори како ја минал македонско-албанската граница и рече:

– Тоа не сакам да го кажам. Оставам власта да открие, затоа што велат дека сè ќе откријат. Од Тирана до унгарската граница заминав со лична карта, а во Унгарија влегов со докумнет кој ми беше издаден од Унгарската амбасада во Тирана.

Груевски на поставеното прашање од страна на новинарката дали власта на било каков начин му помогнала да избега, тој со насмевка на лицето изјави дека власта не му помогнала, и дека кога би можела би му направила нешто друго, најмалку да му помогне.