Хендави претставен во Битола: Драго ми е што доаѓам во земја која го сака ракометот!

469

Еурофарм Пелистер го претстави своето најзвучно засилување оваа зима, египетскиот голман Карим Хендави.

Пристигна во Битола пред четири дена, но вчера официјално позираше со новиот дрес, со број 88, при потпишувањето на договорот. Македонските ракометни вљубеници уште имаат свежи спомени од него, од Светското првенство во јануари, кога помогна Египет да ја декласира нашата репрезентација со 38-19. Познат беше и претходно, а и самиот вели дека добро знае со кои ракометари ќе игра и добро знае во каква земја доаѓа.

„Ги познавам сите ракометари на Еурофарм Пелистер и знам дека македонската репрезентација е многу добра. Играв против Македонија уште во 2013 година во два пријателски натпревари. Ја знам историјата на репрезентацијата, имате добри пласмани на Европските шампионати. Ракометот во Македонија е популарен, многу луѓе сакаат ракомет и се надевам дека ќе уживам тука.“, изјави Хендави при потписот.

Досега тренраше со повредените ракометари, а вечерва треба да го одработи првиот тренинг со А-тимот, кој скоро се врати од Загреб, по натпреварот во СЕХА-лигата.

„Многу ми е драго што потпишав за Еурофарм Пелистер. Ова е значаен чекор за мене. Доаѓам во клуб со многу добри играчи, добар тренер, многу добар тим. Екипата е на одлично ниво и се надевам дека ќе помогнам“, коментира 32-годишниот Египќанец.

Ќе има шанса да се истакне веќе в среда, кога Е. Пелистер ќе ја пречека Татабања во заостанатиот натпревар во рамки не Европската лига.

„Ќе биде тешко и интересно против Татабања. Ни требаат добри два натпревари да напредуваме на табелата и ќе се бориме за тоа да го оствариме“, истакнува Хендави.

Последната екипа за која настапуваше беше романската Доброгеа Суд, а претходно ги бранеше боите уште на Бешикташ, пред да го напушти матичниот Замалек, во 2017.