Четворица холандски пратеници иницираа да се укине безвизниот режим на албанските граѓани во Шенген зоната во рамките на борбата против организираниот криминал.
Предлогот е усвоен во парламентот на Холандија на 11-ти април, по што од холандската влада ќе се бара да ѝ предложи на Европската комисија да започне процедура на „вондредна сопирачка“ која овозможува суспендирање на патувањата на албанските граѓани во земјите од Шенген зоната.
Во текот на дебатата во парламентот, пратениците навеле дека дошло до пораст на криминалните активности на албанската мафија во Холандија и тие криминални организации ја злоупотребуваат можноста за патување низ Европа без виза.
Предлогот го иницираа пратениците на Христијанско-демократската и Либерално-конзервативната партија, како и Социјалистичката партија и Христијанската унија.
Мерката „вондредна сопирачка“ е предвидена со одредбата 1289/2013 на Европската комисија и дозволува суспендирање на безвизниот режим за државјаните на трети земји во одредени прилики кои се сметаат за „вондредни ситуации“, а може да биде воведена со мнозинство гласови во Европската комисија.
Во јануари 2018-та година и Франција исто така се закани дека ќе им воведе визен режим на Албанците откако една година претходно француските власти примиле 7,630 барања за азил од албанските државјани.