Хотелот за ‘судниот ден’ – најтаинствената зграда во Северна Кореја

609

Хотелот требал да има 3.000 соби, огромна коцкарница, осум катови кои што нудат прекрасен поглед на гостите кои што уживаат во нивната вечера, но денес е највисоката зграда на светот без станари…

Висина од застрашувачки 330 метри и 105 катови – оваа зграда иако се гради цели 30 години, далеку е од нејзиниот финален производ, а ова е приказната за Хотелот на судниот ден во најзатворената земја на светот.

И понатаму во светот можат да се видат згради кои што не се довршени, а такви ќе најдете и во најразвиените земји, едноставно проектот или бил промашен или пак инвеститорите останале без пари.

Сепак, од сите недовршени згради, оваа, со оглед на тоа што се наоѓа во Северна Кореја е најтаинствена.

Изградбата на „Ryugyong Hotel“ започнала во далечната 1987 година во Пјонгјанг кога железната завеса сè уште постоела.

Хотелот требал да биде гордост на земјата и со својот пирамиден стил да го покаже архитектонскиот напредок на истокот и модернизацијата, но со падот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз, почнале проблемите, а кулминацијата се случила во 1992-та година кога земјата била погодена од економска криза, а изградбата на пирамидниот хотел запрена.

Идејата за зградата ја добил големиот водач Ким II Сунг, кој што со изолираната држава владеел цели 46 години, од 1948-та година до неговата смрт.

Зградата требало да стане најголема на светот и да ја покаже моќта на Северна Кореја, а Ким за нејзина изградба се одлучил по пропаѓањето на идејата за организација на Олимписките игри во 1988-та година кога за домаќин бил избран јужнокорејскиот град Сеул.

Доколку завршела изградбата на овој хотел, тогаш тој би бил првата зграда со сто катови надвор од САД – највисокиот хотел на светот.

За време на идејата за градење на хотелот, многумина го критикувале тоа, а меѓу нив и истакнатиот чешки архитект Јан Каплицки, кој што за хотелот изјавил дека нема врска со архитектура затоа што модерната архитектура не може да постои без слободоумни луѓе кои што можат да уживаат во неа.

Како што многу добро на сите ни е познато, оваа земја до денес е позната по кршењето на човековите права, скратување на слободата, а во концентрационите логори од минатото често завршувале и цели семејства.

Поради тоа, хотелот е познат и како ‘Хотел за судниот ден’, а списанието „Esquire“ своевремено го прогласил за најлошата зграда на светот.