Возачот на автобусот кој вчера рано наутро околу 1.45 часот се преврте во близина на Лесковац, Србија, е исто така меѓу повредените во несреќата но е под полициско обезбедување во болницата се додека не се дознаат причините поради кои дојде до катастрофата.
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски заедно со министерот за здравство Венко Филипче кои вчера беа да ги посетат повредените, изјави дека превозникот уште вчера испратил уште еден автобус и минибус и понудил да го организира враќањето на патниците кои беа сместени во хотел. Според него има 6 лица кои се потешко повредени, а неколкумина од полесно повредените веќе самоиницијативно си заминале. Од оние кои беа сместени во хотел повеќемина сакаат да го продолжат патот кон Виена иако лекарите таму не им даваат дозвола за толкав пат натаму.

„Од вкупно 35 луѓе во автобусот, тројца загинаа, шест се со посериозни повреди во болницата во Ниш, 8 се во болницата во Лесковац, а останатите беа сместени во хотел. Од нив четворица самоиницијативно си заминале. Во хотел беа сместени 14 лица, а 13 од нив сакаа да го продолжат патувањето кон Виена, каде и првично тргнале. Лекарите им кажаа дека нема да им потпишат дека се во состојба да патуваат до Виена и дека такво нешто може да им потпишат само за враќање назад во Македонија, но доколку одлучат да патуваат кон Виена тоа ќе биде на нивна одговорност“, вели Рашковски, кој вели дека нема информација дали патниците продолжиле кон Виена или се вратиле во Македонија.
Драги истакна и дека во текот на денешниот ден ќе се изврши обдукција врз починатите, по што телата ќе бидат превезени во државава. Околу тоа што се случува со двајцата возачи, тој истакна дека едниот кој возел во моментот на несреќата е под полициско обезбедување, додека другиот спиел за време на настанот.
Министерот Филипче синоќа по посетата на повредените рече дека 6 патници кои се хоспитализирани во Ниш се со посериозни повреди, дека двајца се на апарати за дишење, но дека се стабилни. Тој кажа дека ќе се следи состојбата на пациентите и по направената опсервација ќе се одлучи дали ќе бидат оперирани во Србија или во Скопје.
Извор: Сакам да кажам