Најавите од иницијативата „Го сакам Водно“ дека со жив штит ќе го бранат Водно од механизацијата за гасоводот не ја предомислуваат Владата. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска го повтори ставот дека гасоводот треба да минува по сртот на Водно по трасата со која уништувањето на зеленилото е намалено за 50 отсто.
„Промената на тој проект ќе значи издолжување на градбата на гасоводот, а доколку се издолжи градбата на гасоводот, тоа само ќе значи дека гасот подоцна ќе стигне до македонските семејства. Тоа значи и дополнително сечење шума бидејќи граѓаните ќе немаат алтернатива за греење. Мислам дека треба да донесеме едно разумно решение, ние со невладините организации сме на иста страна и мислам дека тие исто така ќе го препознаат овој момент“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Тој нагласи дека при наоѓањето решение заедно со невладините организации мора да бидат свесни за тоа дека проектот за гасоводот кој минува низ Водно има регуларна градежна дозвола, дека за тој проект државата има земено кредит, дека има попишано договори со изведувачи и дека тој за тој проект следи имплементација.
Анѓушев уште еднаш повтори дека за секое исечено дрво Владата ќе се заземе да бидат засадени 10 нови и дека просторот каде што ќе се гради гасоводот ќе изгледа подобро отколку пред неговата изградба.
Од иницијативата „Го сакам Водно“ повикаа на дежурства на планината каде што се гради гасоводот за да не се дозволи понатамошна сеча. Поддржани од десетина невладини организации, тие стојат на ставот дека е апсолутно неприфатливо гасоводот да минува низ Водно и бараат Владата да се откаже од проектот на ист начин како што се откажа од проектот за Клиничкиот центар на старата локација.