Милан синоќа на свој терен ја победи Болоња со 2:0 во мечот од првото коло во италијанската Серија А.
„Росонерите“ со три бода ја отворија новата сезона на „Сан Сиро“, а херој на овој меч беше Златан Ибрахимовиќ кој ги постигна двата гола. Искусниот напаѓач неодамна го продолжи договорот до крајот на оваа сезона и се чини дека тоа беше одличен потег и за него и за клубот.
Иако следниот месец ќе го прослави својот 39-ти роденден Ибрахимовиќ се уште игра во фантастична форма и ова е прв пат на отворањето на една сезона во Серија А да успее да постигне два гола на натпревар.
По натпреварот Ибрахимовиќ во свој стил ги прокоментира случувањата на теренот, па порача дека е во многу добра форма и дека работи во полна пареа.
„Ова е само втор официјален натпревар во сезоната и задоволен сум од победата. Да имав 20 години вечерва ќе дадев уште два гола. Не сум стар, јас сум како Бенџамин Батон, роден сум стар, а ќе умрам млад. Шегата на страна, екипата одигра многу добро, но се гледа дека уште не сме на 100 проценти и дека се ќе биде подобро како што ќе одминува сезоната“, изјави Ибрахимовиќ.