Македонската ракометна репрезентација е главниот фаворит за добивање една од двете вајл-карди за настап на СП 2021, резервирани од ИХФ за европски селекции.
Македонија без борба го загуби баражот за СП 2021 против Франција, откако ЕХФ реши овие натпревари воопшто да не се играат, а билетите за мундијалот во Египет да бидат доделени според пласманот на репрезентациите на последниот европски шампионат. Франција заврши на 14. позиција, само едно место пред Македонија, но челниците на Ракометната Федерација на Македонија веднаш аплицираа за вајлд-карта. Од ИХФ сега следи информацијата дека до крајот на овој месец ќе биде донесена одлуката кои две репрезентации од Европа ќе добијат вајлд-карта.
Македонија е на водечката позиција меѓу кандидатите ако се знае дека пласман на СП веќе обезбедија Данска, Шпанија, Хрватска, Норвешка, Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Унгарија, Австрија, Франција, Белорусија, Исланд и Чешка. Што значи, билет за СП имаат првите 14 селекции од ЕП 2020, а Македонија ја освои 15-та позиција. Зад македонската репрезентација на последниот европски шампионат се најдоа Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија, Полска, Русија, БиХ и Летонија.
Пласман на СП 2021, покрај веќе истакнатите репрезентации од Европа, обезбедија и Египет, Алжир, Ангола, Зеленортските острови, Конго, Мароко, Тунис, Бахреин, Јапонија, Катар, Јужна Кореја, Бразил, Аргентина и Уругвај.