Им ги “пеглаат” градите со врели камења: Морничав ритуал се шири низ Велика Британија, девојчињата остануваат осакатени, а полицијата е немоќна

941

Во Велика Британија сѐ почесто се практикува ужасен ритуал во кои на малите девојчиња им се “пеглаат” градите со врели камења.

Овој традиционален африкански ритуал се прави за да се одложи формирањето на дојките. Маргарет Њуџавејра која е на чело на групата за дијаспората, вели дека најмалку 1000 жени и девојчиња во Велика Британија се подложени на ваквата брутална постапка. 

Таа додава и дека досега немало никакво системско истражување и собирање на податоци така што не се знае точната бројка на осакатени девојчиња. Друга активистка која сакала да остане анонимна изјавила дека знае најмалку 15 до 20 неодамнешни случаи на “пеглање” на гради во градот Кројдон, пренесува “The Guardian”.

“Ваквата процедура обично се изведува во Велика Британија, а не во странство како што е случајот со гениталните сакатења на жените”, изјавила таа и притоа го опишала процесот во кои тетките или бабите користат врели камења и со нив ги масираат дојките на девојчињата за да го оштетат ткивото и да го забават нивниот раст.

“Понекогаш тоа го прават еднаш неделно или еднаш во две недели”, додала таа.

Ваквиот ритуал се смета за традиција која ги штити девојчињата од непосакуваното машко внимание, сексуално вознемирување и силување. Медицинските експерти наведуваат дека тоа е злоставување на децата и дека истото може да доведе до физички и психички лузни, инфекции, неможност за доење, деформитет па дури и рак на дојка.

Британската полиција изјавила дека досега немале вакви пријавени случаи, но дека веќе некое време се сомневаат во ваквите настани.

“Мора да се пријави таквиот случај”, вели инспекторот Ален Дејвис и додава: “Луѓе, сфатете – тоа е злоставување на деца”.

Маргарет и самата била подложена на таа процедура како девојче и смета дека британските власти недоволно ја сфаќаат сериозноста на ваквиот ритуал и дека не ги гонат родителите кои ги “пеглаат” своите деца бидејќи тоа се смета за “културна пракса”.