Македонскиот фудбал често ни носи некои феномени, а еден од нив е играч кој настапува во Втората лига – Исток, иако е во шестата деценија од животот.
Се работи за Драгослав Здравков – Ледер, вистинска легенда кај второлигашите. Пред извесен период тој го носеше дресот на Осогово каде беше капитен, а оваа сезона иако има 56 години е дел од новајлијата во ВМФЛ, тимот на Слога Виница. Ако сакате да бидеме прецизни, до датумот на оваа објава – 56 години, 1 месец и 9 дена.
Здравков беше дел од пријателските натпревари на Слога Виница. Исто така е регистриран и во лигата. Нема постар фудбалер од него, барем во ПМФЛ и во ВМФЛ. Настапува на позицијата стопер, а играл и како заден играч за врска. Игра од љубов кон фудбалот, парите не играат улога, затоа што популарниот Ледер е и успешен бизнисмен.
Ретки се примерите како Здравков, богами и во светскиот фудбал. Слога Виница ја отвори сезоната со пораз, а во следната рунда ќе биде домаќин на Саса.