Иран со опасна закана: Ако не поминува нашата нафта, тогаш нема да поминува ничија нафта

888

Иранците уште еднаш се огласија после американските санкции и порачаа дека излезот од нуклеарниот договор е само една од опциите на Техеран.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф порача во ткеот на вчерашниот ден дека Иран има неколку потези со кои може да реагира на американското воведување на новите жестоки санкции кои би требало да стапат на сила на 1-ви мај.

Се шпекулира дека Вашингтон ќе побара од сите земји во светот од тој ден да престанат да купуваат иранска нафта, или во спротивно ќе се најдат на удар на американски санкции.

Поради ова, Зариф порача дека напуштањето на иранскиот нуклеарен договор од кој САД веќе излезе, е само една од опциите на Иран. Сепак, според аналитичарите, доколку Техеран го направи тоа, можеби тоа Вашингтон ќе го искористи како повод за воена интервенција во Иран.

Сепак, иранскиот министер во интервјуто за тамошните медиуми истакна дека Иран има уште една опција, која што во секој случај е исклучително опасна.

„Имаме бројни опции кои се разгледуваат“, порача Зариф, не откривајќи за што станува збор, иако иранските медиуми се уверени дека една од опциите е затворањето на Хормушкиот теснец кој што е клучен за извозот на нафта на заливските земји.

Оваа можност ја прокоментира генералот Мохамад Бакери кој порача: „Немаме намера да го затвораме Хормушкиот теснец, освен непријателството да достигне такво ниво, што тоа ќе биде неизбежно. Но, доколку нашата нафта нема да може да помине, тогаш ничија нафта нема да поминува низ Хормушкиот теснец“.