Дона Неделковска е млада тетовчканка, медицинско лице од факултетот за стоматологија во Скопје. Таа на својот фејсбук профил вечерва ја објави голготата која таа ја поминала во тетовската болница, веднаш по породувањето. Вели дека во болницата влегла со страв и возбуда, но не сонувала за хоророт кој таму следел. Вели дека животот и го спасиле двајца доктори во Скопје на кои вечно ќе им биде благодарна.
Настанот се случил на 1 јули оваа година, но на Дона и требало време за да биде спремна да зборува на оваа тема. Додека го пишувала текстот, како повторно ја преживеала целата ситуација.
1ви Јули, 2021. Локација, озогласената болница во Тетово. Закажан царски рез во 7 наутро. Страв, возбуда, не ни сонував каков хорор следи, вака започнува голготата на Дона.
– Спинална анестезија, јас будна, пратам што се случува цело време. Бебето го извадија за кратко, го слушнав како плаче и веднаш го однесоа. Очекував да ме сошијат, и крај. Ама не. Слушам дека нешто не им оди како што треба. Слушам дека никако не можат да го допрат крварењето. Се вртам лево од мене гледам цел куп гази со моја крв, почнува да ми се врти и да ми се стемнува и плачам ги молам да ме спасат да не искрварам. Слушам како трчаат и носат кеси крв од трансфузиологија. Ја молев една од сестрите да ме држи за рака, да не се чувствувам толку осамено и исплашено, да ми даде малце утеха. Го молев анестезиологот да ме утеши дека се ќе биде добро. Ги молев сите присутни да ми кажат нешто позитивно, добра вест. Три часа. Хоророт траеше цели три часа и јас цело време бев будна и цел живот ми помина пред очи. После три часа, слушнав “ајде веќе затворај ја не крвари веќе”, раскажува таа во својот фејсбук статус.
– Јас во полусвест, немам веќе сила, ама не сакам да заспијам, додава Дона.
Вели дека ја однеле во шок-соба, каде тазе родилки влегувале и излегувале ден по ден, а таа била во истиот кревет без никаков напредок. Не смеела да јаде, ниту да пие.
– Зошто, немав одговор. Следното утро почна уште поголемиот хорор. Почнав да повраќам на секои 30 минути. Плачев, исплашена, ги прашував зошто повраќам, што ми се случува, сестрите ми велеа “од анестезијата е, нормално е”. Трет ден. Јас се послаба и послаба, сеуште повраќам, ама воедно и стомакот ми станува тврд, целиот со грутки, додава таа во својата објава.
Фактот дека има студирано медицина на Дона и помогнал за да знае дека нешто лошо и се случува. Но, се чудела поради тоа што големиот број доктори и сестри околу неа тврделе дека тоа што се случува е ништо неспецифично.
Но, се случувало нешто многу лошо. Цревата на Дона престанале да работат, а фекалиите ги исфрлувала од уста. Докторите велеле дека станува збор за гастритис и ја лечеле со билни чаеви и топли шишиња за облоги.
– Четврти ден. Ситуацијата уште полоша. Молам за помош и конечно некој се смилува да викнат некој постручен и да ми стават назогастрчна сонда ( црево од нос во желудник ) за да ја испрзнат содржината од желудникот и да се чека цревата да се нормализираат. Преку таа сонда ми извадија цели 5 литри течност од желудникот. Итно рентген – со количка, тогаш веќе не бев способна ниту да се движам. Инфузии, лекови, немаше вена која не ми беше боцната. Веќе почнав да гледам страв и кај нив. Мајка ми, сопругот, цела фамилија и другари на нозе, трчаат бараат спас, молат да ме пратат во Скопје.Ама и покрај се, ме држеа уште една вечер. Ми рекоа многу си нервозна, ќе ти дадеме дијазепам за да спиеш, не ти е ништо, продолжува таа со својата голгота.
Се молела на господ, таа вечер да го дочека утрото кое следи, знаејќи дека нејзиниот спас е во некоја од болниците во Скопје.
– Следното утре итно ме пратија во Скопје со возило од брза помош, и драгата докторка не испрати со зборовите “ако не ја примат во Скопје, не ми ја враќајте тука, немам што да и правам”. 5ти јули. Ме примија во Скопје, веќе во полусвесна состојба. Итно снимање, итно инфузии и на крај, итна операција.Се разбудив следниот ден, со огромна рана на абдоменот и не знаев што се случило. Ми кажаа дека ми е извршена хистеректомија т.е. отстранување на матката, бидејќи била некротизирана т.е. СКАПАНА, продолжува да раскажува таа.
Само Господ и двајцата доктори од Скопје кои ја оперирале се причината поради која таа е тука и го пишува ова на фејсбук. Вели дека не сака да ги именува докторите, но знаат кои се.
– И сакам да им кажам на двајцата и на цел тим од абдоминална хирургија и хирургот од ГАК дека сум ви вечно благодарна, вели Дона во фејсбук објавата.
– Бебето за прв пат си го видов после 12 дена, излегов од болница 15кг послаба, со хематом на секоја вена, со две огромни лузни на стомак, не можев да се движам сама, не можев да се бањам сама, не можев ништо, ама помина, продолжува таа.
На крајот вели дека и требало доста време за да се реши да го напише ова и додека го пишувала текстот, повторно чувствувала мачнина и повторно ја преживувала целата ситуација.
Со овој текст таа става крај на оваа приказна и го почнува процесот на заборавање на оваа траума.
Апелира до сите да внимаваме пред да избереме доктор и 100 пати ако треба да се распрашаме за да избегнеме ваква голгота.