Коронавирусот полека се шири низ цела Европа, па ниту Македонија не е одмината. Веќе владата наложи спортските настани превентивно да се играат без публика, а сега и од Комисијата за заразни болести стигна барање до образовните, но и спортските институции за спречување на масовни собири.
Со тоа, дуелот од плејофот во Лигата на нациите меѓу Македонија и Косово кој е закажан за 26 март, е ставен под директна закана за одигрување пред празни трибини. Иако веќе ФФМ најави дека целиот капацитет на стадионот е распродаден и се очекува фудбалски празник, сепак можно е трибините да останат без ниту еден гледач.
„Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на РМ, а спортските настани да се одвиваат без публика“ – пишува во препораката на Комисијата за заразни болести.
ФФМ веќе нагласи дека ќе ги почитува одредбите и предлозите од владата и министерството за здравство, дури и во случај да забранат масовни собири. Останува да видиме каква ќе биде одлуката, но доколку ги согледаме случувањата на континентално ниво, многу веројатно е да се случи арената „Тодор Проески“ да остане празна.
