Јанша: Членството на земјите од Западен балкан во ЕУ би решило многу проблеми

527

Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, го поддржа проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, оценувајќи дека членството на земјите од регионот во Унијата ќе реши многу проблеми во тој регион, вклучувајќи го и прашањето за границите и мешањето од странски фактори.

Проширувањето на ЕУ е од заеднички интерес, тоа треба да биде наш стратешки одговор на бројни предизвици – порача Јанша на виртуелната заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

По вчерашната средба со лидерите на Европскиот парламент, на која тој ги презентираше приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ од 1 јули, Јанша сугерираше дека пристапувањето на целиот Западен Балкан во ЕУ може да помогне во решавањето на проблемите како што се миграцијата и малигното мешање од страна на Русија, Турција и Кина.

Ако ме прашате како можеме да го решиме проблемот во врска со нашите граници, јас би ви одговорил – имајќи европска перспектива … Ако им дозволиме на одредени земји да станат членки на ЕУ сите заедно, откако ќе ја добијат ЕУ-перспективата и ќе станат членки, проблемите ќе исчезнат – нагласи тој.

Јанша, најави и дека за време на претседателството на Словенија, на 6 октомври ќе се одржи неформален самит на земјите од ЕУ и лидерите на Западен Балкан, на кој ќе се направи обид да се придвижи прашањето од позицијата на ќорсокак.

Како што јавија словенечките и хрватските медиуми, Јанша нагласил дека Словенија го поддржува влезот на Хрватска, како и Бугарија и Романија во Шенген зоната, затоа што тоа се потези кои би ја засилиле безбедноста во Европа.