Јапонскиот министер откри што ги контаминирало вакцините на Модерна

530

Јапонскиот министер за здравство изјави дека е многу веројатно „туѓата материја“ откриена во вакцините на Модерна во јужната префектура Окинава да настанала во текот на ставањето на иглата во шишињата.

Префектурата Окинава во неделата објави дека го одложува програмот за вакцинација со вакцините на Модерна откако биле откриени непознати супстанции во шишињата и шприцевите. Министерството за здравство подоцна соопшти дека иглите можеби не биле правилно внесувани во шишињата поради што биле скршени делови од гумениот чеп.

„Која и да е причината за туѓата материја, дознавме дека нема безбедносни или други проблеми“, изјавил министерот за здравство Норихиса Тамура, додавајќи дека не е невообичаено надворешно тело да влезе и во шишиња на други вакцини.

„Ќе продолжиме да собираме информации и да ве известуваме“, додал министерот.

Јапонија се соочува со досега најголемиот бран на инфекции во текот на пандемијата, поради многу позаразниот делта сој на коронавирус. Вакцинацијата ја отежнала и доцнењето на увезените вакцини и откривање на контаминации во некои дози на Модерна, што доведе до стопирање на употребата на 3 серии минатата недела.

Таро Коно, министер задолжен за кампањата за вакцинација, изјави дека сака да ја забрза испораката на вакцини во општините кои биле присилени да ја запрат вакцинацијата поради недостатокот на дози.