За разлика од вакцините против коронавирусот кои досега биле во масовна употреба, а кои бараат давање на две дози за заштитата да биде комплетна, компанијата “Johnson & Johnson” на пазарот ја пуштила првата вакцина која се прима само во една доза. Таа од вчера се наоѓа во масовна дистрибуција во Америка.
Оваа вест означува нова етапа во глобалниот процес на вакцинација, бидејќи, како што сметаат аналитичарите, ја олеснува масовната употреба, посебно поради тоа што не бара ладење. Имено, вакцината на компанијата “Johnson & Johnson” може да се складира во фрижидери за широка намена, што ја олеснува нејзината дистрибуција во однос на вакцините на компаниите “Pfizer” и “Moderna”, кои мора да се чуваат замрзнати на ниски температури.
Американската Управа за храна и лекови “FDA” ја одобрила итната употреба на оваа вакцина минатата недела, а соопштиле дека таа нуди моќна заштита против најважните работи – “тешки случаи на болеста, хоспитализација и смртни случаи, а една доза е 85 проценти делотворна против најтешките случаи на Ковид-19”, покажало големото истражување спроведено на три континенти. Заштитата е моќна и во земјите како Јужна Африка, каде се шири сојот на коронавирусот кој најмногу загрижува.
Испораката на неколку милиони дози, кои ќе бидат поделени меѓу американските држави, почнала вчера, а се очекува “Johnson & Johnson” да испорача 20 милиони дози во САД до крајот на март, и 100 милиони до лето.
Компанијата побарала одобрение за итна употреба на вакцините во Европа, а планира до крајот на годината да произведе околу милијарда дози глобално. Бахреин во четвртокот прв ја одобрил употребата на “Johnson & Johnson” вакцината.
Вакцината е клинички тестирана на повеќе од 44.000 лица во САД, Јужна Америка и Латинска Америка. Глобално, покажала ефикасност од 66 проценти во спречување на среден и тежок облик на Ковид-19.
Кога станува збор за тестовите кои биле направени во САД, ефикасноста била 72 проценти, а 85 проценти е ефикасна против развивање на потежок облик на Ковид. Никој кој ја примил вакцината во текот на тестирањата не починал, додава “CNN”.