Јунскиот Совет на ЕУ наближува – Ќе ги почне ли Македонија пристапните преговори

486

Премиерот Зоран Заев е уверен дека Европа го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор и дека Македонија, која чека 16 години, има над дваесетина вета, а е на врвот со извршување на реформите, треба да ги почне преговорите и треба да се одржи првата меѓувладина конференција.

Сепак, тој нагласува дека очекувањата не треба да се преголеми, за земјата да не доживее разочарување, со оглед на блокадата од бугарска страна. ЕУ земјите сметаат дека проширувањето на Унијата не смее да запре.

Македонија, вели германската амбасадорка Анке Холштајн, одамна ги исполнила потребните услови. Вметнувањето нови услови за процесот на проширување, нагласува таа, е лош сигнал за сите и остава можност за нови билатерални прашања кои ќе го кочат процесот на проширување. Сепак, таа потсетува дека одлуката за проширување треба да биде донесена едногласно од сите земји членки.

Премиерот Заев вчера и завчера беше во Брисел каде на покана на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, присуствуваше на заедничката работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан, а имаше и средба со шефот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

– Претседателот на Европскиот Совет е всушност премиерот на една влада составена од европските лидери на земјите членки и разговаравме детално како што разговаравме и вчера на вечерата со високиот претставник за надворешна политика и безбедност, господинот Борел. Заклучокот е дека Европа си го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор, секако доминантно заради Северна Македонија којашто чека 16 години, која има преку дваесетина вета и навистина е на врвот со извршување на реформите, потврдено во сите извештаи и сме модел на европски начин на решавање на проблемите. На крајот треба Европа да испорача само пола чекор, затоа што ние имаме одлука за почеток на преговорите, не е за поглавјата туку е за првата Меѓувладина конференција, изјави премиерот Заев за МИА по средбата со Шарл Мишел.

Македонскиот премиер нагласи дека лидерите „ќе бидат доволно фокусирани на изнаоѓање на решение за таа 27-ма членка да ја придобијат во одлуката“. Како позитивна порака, шефот на Владата го издвои фактот што тензиите меѓу С. Македонија и Бугарија се спласнати.

– Јас верувам дека бугарскиот народ како и македонскиот сакаат пријателство, сакаат позитивни исчекори и јас како еден од лидерите во Северна Македонија го чувствувам тоа. Верувам дека и лидерите во Бугарија го чувствуваат тоа затоа што е наша обврска да ја отвориме иднината, рече Заев за МИА.

Според него, постои резерва за ова прашање, и како што потенцира, тоа треба да го знаат нашите граѓани.

– Техничка влада е во Бугарија, да не ги дигнеме очекувањата па да бидеме сите разочарани. Јас се подготвувам да направам се, претседателот Пендаровски исто така, министерот за надворешни работи исто така, ќе направиме се, но очекувањата не смееме да ги дигнеме високо за да не се разочараме, вели Заев.

Вели дека идејата е да се види што ќе се случува со ова прашање сега за време на португалското претседателство.

-Со време се фаќа работата, уште е мај месец. Верувам дека имаме доволно време до Советот на општи работи каде се носи одлуката, рече Заев.

Германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн вчера изјави дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. Вели дека за Македонија не постои друг простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат.

– Ние, Германија, сè уште жалиме што не успеавме да го постигне овој консенузс за време на нашето претседателство и покрај сите напори што ги вложивме и покрај инволвираноста на нашиот владин врв. Денес даваме поддршка на Португалија колку што можеме до максимум, рече Холштајн на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на Македонија.

За Македонија, подвлече Холштајн, не постои никаков друг простор за маневрирање, има црвени линии што не смеат да се преминат, а Владата покажа вистински добар став и покрај омаловажувањата во овој процес, со цел да не се нарушат добрососедските односи.

– Основната идеја на процесот на проширување е предвидливоста и пристапот што се заснова врз заслуги. Идејата прво беше Северна Македонија засебно да се земе во процесот на пристапување заради тоа што Албанија нецелосно ги исполни условите, меѓутоа зелено светло во март 2020 беше дадено на двете држави. Во меѓувреме и Албанија ги исполни двата услова што и беа дадени, така што нашето размислување, а Германија многу отворено тоа го кажа, дека треба да бидат ставен заедно во пакет. Силно веруваме дека ставањето во пакет ќе треба на некој начин да се задржи и има доволно оправдувања за тоа. Меѓутоа се разбира дека сакаме да видиме како ќе започнат преговорите за пристапување колку што е можно поскоро и со двете држави, рече таа.

Холштајн вели дека едногласноста е неопходна во европските институции, а обидите да се отстрани ваквиот пристап не биле досега успешни, особено во процесот на проширување.

– За таа тема едногласно треба да се одлучи. Значи 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан. Не сакам да зборувам за Западен Балкан како наше соседство затоа што Западен Балкан е всушност дел од Европа и тие се поврзани, и ние сме сите поврзани со споделена и заедничка историја, и луѓето и економиите се многу повеќе испреплетени меѓусебе, рече Холштајн, додавајќи дека една силна ЕУ има потреба од силен и стабилен Западен Балкан и тоа отсекогаш било една од клучните цели на ЕУ и на самата политика на проширување.

Германија, рече таа, од таа страна ја поддржува политиката за проширување, денес фокусот е на Западен Балкан за да се обезбеди сигурност и стабилност на овој дел од Европа.

– Ние треба да ги одржиме европските перспективи во овој регион експлицитни и отворени. Спротивно на тоа ќе значи дека вратите ќе бидат отворени за надворешни сили кои имаат желба и се заинтересирани да навлезат во овој простор со цел да го дестабилизираат. Процесот на проширување мора да остане жив и е секогаш ќе им потреба од моменти кога ќе треба да ги разгледаме последиците од нашите одлуки и навистина да бидеме искрени едни со други, рече таа.

Холштајн е децидна дека мешани сигнали кои се праќаат до земјите аспиранти не е во корист на сите нас.

Дополнителни услови, смета Холштајн, уште повеќе ќе отворат можност за нови билатерални барања во иднина, па дури и ќе го кочат целиот процес со години или декади нанапаред.

Димитар Карапенов претставник на бугарската Амбасада во Скопје, кој се приклучи во дебатата, рече дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија.