Како Иванка Трамп и нејзиниот маж ги заработиле своите 1,1 милијарди долари и како ги трошат истите?

836

Иако се вработени во администрацијата на Белата куќа без хонорар, Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер во текот на 2017 година заработиле 83 милиони долари, покажуваат официјалните податоци.

Извештајот за оваа година се’ уште не е објавен, но веќе се претпоставува дека таа цифра би можела да биде поголема, иако парот Кушнер-Трамп веќе неколку месеци е во “сенка”.

Се поставува прашањето од каде потекнува тој “мал додаток” во домашниот буџет, кој веќе според проценките изнесува 1,1 милијарди долари, и како воопшто заработува првата ќерка и нејзиниот сопруг?

Се проценува дека богатството на Иванка Трамп изнесува 300 милиони долари, додека нејзиниот сопруг поседува 800 милиони долари.

Иако Џеред Кушнер моментално е вработен како советник на таткото на својата сопруга и првиот човек на САД, Доналд Трамп, неговото богатство првенствено потекнува од високата позиција во семејната компанија “Kushner Companies”, која се занимава со недвижнини и која во текот на последните десет години заработила дури седум милијарди долари, наведува “Business Insider”.

Исто така, значаен извор на приходи на зетот на Трамп претставува и фирмата “Cadre” за инвестирање во недвижнини, која тој ја основал заедно со неговиот брат Џошуа. Компанијата кон крајот на 2017 година вредела најмалку 25 милиони долари. Интересен податок е дека Џеред од својот татко Чарлс Кушнер, за дипломирањето во 2006 година добил десет милиони долари вреден подарок – списанието “New York Observer”.

Иванка во јануари 2016 година, по инаугурацијата на својот татко како 45-тиот претседател на САД, ја напуштила позицијата во семејната компанија за да преземе функција во Белата куќа. Кога ја напуштила функцијата во “Trump Organization”, Иванка добила отпремнина од два милиони долари.

Таа во јули објавила дека ја затвора својата модна линија која ја држела во последните седум години, а како причина за тоа го навела фактот што сака да ѝ се посвети на работата во Вашингтон. Можеби уште една од причините поради која Иванка ја затворила својата модна линија е фактот дека неколку големи трговски ланци одбиле да ја продаваат нејзината облека поради бројните жалби од купувачите.

Кога станува збор за трошоците, ќерката на Доналд Трамп и нејзиниот сопруг плаќаат 15 илјади долари месечно за закуп на вилата од 1923 година, која се простира на 650 квадратни метри. Луксузната куќа се наоѓа во населбата Калорама во северозападен Вашингтон, а станува збор за населба каде живее американската елита како Џеф Безос и поранешниот претседателски пар Обама.

Пред да се преселат во Вашингтон, семејството живеело во апартман во зградата “Trump Avenue” во луксузниот њујоршки кварт Апер Ист Сајд. Иванка во истата зграда поседува уште еден стан кој е проценет на 4,1 милиони долари, кој по преселувањето во Вашингтон го издавала за 13 илјади долари месечно.

Парот може да се пофали и со уметничка колекција која е вредна 25 милиони долари. Тие исто така плаќаат и 26.100 долари годишна школарина за елитното приватно училиште на својата најстара ќерка Арабела.