Носталгијата за деведесетите, денес ја ставаме во петта брзина благодарение на римејкот на култната серија „Беверли Хилс 90210“. Истата ќе започне да се емитува на „Тв Фокс“ и досега во план се шест нови епизоди, од кои и всушност зависи дали новата верзија ќе добие цела сезона или ќе остане мал потсетник на телевизискиот феномен кој остави белег низ генерациите.
Најавната шпица, музиката, кадрите и темата не враќаат во минатото.
„Сакавме само да го оживееме повторно она чувство кое ни се појавува кога сме со драги и познати луѓе. Чувството на семејство“ – вели Габриел Картерис, која во оригиналот ја играше улогата на Андреа.
Таа, Шенон Доерти, Џени Гарт, Брајан Грин, Џејсон Присли, Тори Спелинг и Иан Зеринг се во главните улоги на новата верзија „Беверли хилс“.Од поранешната постава недостасува само Лук Пери, кој почина од мосочен удар во март годинава.
Нему ќе му биде посветена една цела епизода – најавуваат актерите од серијата.
„Немав намера да глумам во овој римејк, но кога веќе Лук не е меѓу нас, мојата перспектива се промени. Ова го правам во негова чест“ – изјави Шенон Доерти, која ја напушти оригиналната серија по три сезони, а за неа останаа гласините дека била многу тешка за соработка.
Актерите во серијата ќе бидат во улога на себе си, а не на ликовите преку кои се прославија. Серијата е замислена како своевидна пародија на нивните животи, па така на пример, Тори Спелинг во новите епизоди ќе има финансиски проблеми (добро познато е дека актерката во вистинскиот живот банкротираше неколку пати).