Лацио се соочи со нови проблми непосредно пред денешното дерби со Јувентус (12.30 часот) откако во текот на вчерашниот ден дошло до рација во тренинг-кампот Формело, по сомнежите за лажирање на резултатите од Covid-19 тестирањата што ги врши римскиот клуб врз своите фудбалери.
Првите сомнежи се појавија откако тројцата првотимци на „лацијалите“, Имобиле, Леива и Стракоша, беа негативни на тестирањата во молекуларната лабораторија во Авелино, но потоа нивните тестови беа позитивни при тестирањето на УЕФА. Стартувана беше истрага, од римскиот клуб тврдеа дека тестовите што ги организираше УЕФА биле со неточни резултати, но ситуацијата тргна во спротивна насока откако најновите тестирања „во неутрална лабораторија“ покажаа дека тројцата фудбалери сепак се позитивни на коронавирус.
„Лацијалите“ повторно водеа инает, па покажаа нови негативни тестови за своето трио, објавувајќи дека тројцата ќе играат против Јуве, по што во целата ситуација се вмеша полицијата. Во текот на вчерашниот ден беше извршена рација во лабораторијата во Авелино, како и во тренинг-комплексот Формело, при што биле запленети низа докази против претседателот Лотито и управата на римскиот клуб. Тројцата фудбалери веднаш биле избркани од Формело и испратени во своите домови со решенија за самоизолација, така што Имобиле, Леива и Стракоша дефинитивно ќе го пропуштат денешниот дуел со Јувентус.
Истрагата против италијанскиот прволигаш ќе продолжи и во наредниот период, а доколку биде докажан фалсификатот на „лацијалите“ им се заканува огромна финансиска казна, губење на бодови, па дури и исфрлање од елитното италијанско фудбалско друштво.