Глеб Калараш успеа да ја оствари својата желба да се врати во европскиот шампион Вардар иако минатата сезона потпиша со Мотор Запорожје. Откако се врати во Скопје и потпиша нов двегодишен договор веднаш почна со подготовки за следната сезона иако екипата е на Супер Глоуб во Саудиска Арабија.
Тој во интервју за руските медуими уште еднаш го искажа своето задоволство што повторно ќе игра со екипата со која што стана европски првак.
„Во Скопје како да пристигнав дома. Тимот е изменет, но и со новите играчи се познавам. Сите се среќни што ме гледаат тука, а и на мене ми е многу мило. Потпишав со Мотор, но уште кога стигнавме до фајнал-форот во Лигата на шампионите сфатив дека сакам да останам и веднаш почнав да преговарам со Мотор за да останам во Скопје. Откако ја освоивме европската титула желбата за останување во Скопје се зголеми двојно“, вели Калараш.
Пивотот од Русија се обиде да ја доближи атмосферата која ја има во Вардар и ја претстави како најголема причина за да продолжи во Скопје. А во интервјуто потврди дека го напушта украинскиот клуб со трансфер.
„Вардар е таков клуб чија единственост не може да се опише со зборови. Секоја година во екипата има нови играчи, а луѓето од околу велат дека не може да биде исто. Но, Вардар останува ист клуб, со таква атмосфера внатре во клубот од која што не сакам да излезам. За моето враќање потребно е да се извршат некои плаќања кон Мотор затоа што ова е трансфер“, изјави Глеб Калараш.