Камчев е во изолација во затворот „Шутка“

957

Кога тој требало да побегне, каде и дали имал помош остануваат отворени прашања. Неговиот адвокат поднесе жалба на одлуката за притвор.

Каде сакал да побегне и кога, кој требало да му помогне, дали се тоа македонски или странски државјани и кои се контактите од Бугарија со кои тој комуницирал што ги навело на заклучокот дека Јордан Орце Камчев подготвува бегство.

И по 24 часа од притворањето на Камчев овие прашања остануваат неодговорени а извештајот или службената белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) врз основ на која е приведен а потоа Обвинителството бараше притвор останува тајна. Од Обвинителството и МВР исто така без детали.

Бранителот на Камчев, адвокатот Тони Менкиновски, по одлуката за изрекување на притвор жестоко реагираше бидејќи двата пасоши, македонскиот и бугарскиот, му се одземени и се во Судот а дадена е гаранција во имот и средства дека нема да бега.Тој денеска поднесе и жалба на одлуката за притвор.

Камчев во истражниот затвор Шутка е во изолација според Ковид протоколите и наредните 10 дена ќе ги мине сам во ќелија.

Против него се водат две истраги – „Плацевите на Водно“ каде е четвртоосомничен и „Империја“ каде што е прв на листата на осомничени.

Обвинителствотото а организиран криминал кое го прзведе случајот од поранешното СЈО покрена истрага лани во октомври за купени плацови на Водно од 11 илјади квадратни метри. Според официјалната информација, платени биле 1,3 милион евра – пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, тогашниот лидер на партијата Никола Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно.

Груевски стана и првоосомничен за кривичното дело перење пари, а според обвинителството, во тоа му помогнале Сашо Мијалков и кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски, на кој му беше одреден и 30-дневен притвор. За случајот, осомничен е Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ кои, според истрагата, се обиделе да ја прикријат сопственоста на купените парцели на Водно.

Атрактивните парцели се купувани во 2012 година, во време кога тие се водат како шума, а истата година се менува Генералниот урбанистички план (ГУП) со којсе пренаменуваат во градежно земјиште.

Купувањето се спроведува преку фирмата „Сирах“- првично регистрирана на Белизе, сопственик на истата е фирма „СирахИнжинеринг“ од Македонија, а нејзин директор е Ристо Новачевски.

Според обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, контактирал со Новачевски и побарал документацијата, печатите и жиро сметката да му бидат дадени на располагање. Новачевски пак ја пренесува сопственоста на фирма поврзана со Камчеви, коија преименуваат за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.

Во „Империја“ пак Камчев е повторно осомничен со екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и повторно е за финансиски криминал и перње пари.

Тој беше приведен вчера утро и спроведен во Кривичниот суд каде Обвинителството, кое се повика на случајот „Плацеви на Водно“, побара притвор кој судијата го прифати.

Владеачката СДСМ и опозициската ВМРО – ДПМНЕ ја искористија и оваа можност па цел ден преку соопштенија и прес конференциии разменуваат обвинувања и контра обвунувања главно банални и тотално неповрзани со притворот на Камчев.