Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос рече дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија, но нема да ја доведе во ризик владината коалиција. Зборувајќи на прес конференција, Каменос кој е и министер за одбрана кажа дека и покрај ваквиот став, тој и грчкиот премиер Ципрас се во постојана комуникација и соработуваат за спорот за името.
Тој додаде дека може ќе помине и цела година, пред евентуалниот договор што ќе го постигнат двајцата премиери да стигне на одобрување во грчкиот парламент, поради референдумот што ќе се организира во Македонија и ратификацијата во македонското Собрание.
Договорот за кој разговараат Ципрас и Заев „ никогаш нема да биде одобрен“ на референдум – кажа Каменос сугерирајќи дека надминувањето на повеќе деценискиот спор и натаму е далеку.
Каменос го повика и лидерот на Нова демократија јасно да ја каже својата позиција за преговорите за спорот за името зашто параметрите на договорот за кој моментално се преговара се истите за кој преговарал поранешниот грчки премиер од Конзервативната партија, Костас Краманлис во 2007 .
Во меѓувреме, националистичкиот лидер ја искористи можноста да испрати предупредување до членовите на Независни Грци на кои им порача дека „секој кој нема да ја следи позицијата на партијата за прашањето за спорот за името, ќе биде автоматски исклучен од партијата“.