Во Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска исказ за случајот „Рекет“ треба да даде пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски.
Претходно, искази во Обвинителството дадоа паратеничката на СДСМ Фросина Ременски, водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.
Ременски вчера по 2 и пол часовен распит во Обвинителството рече дека ги отфрла сите поврзувања на нејзиното име со случајот „Рекет“.
Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз на Јовановски, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра, кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.
Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао, друштво“.
Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.
Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.