Денеска точно напладне ќе почне состанокот на Националниот совет за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, на кој ќе присуствува и министерот за здравство, Венко Филипче. Највисокиот државен врв ќе разговара за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид-19 во нашава земја и ќе одлучува за евентуални нови построги мерки и активностите на надлежните институции.
Во текот на вчерашниот ден, владините портпароли соопштија дека, по одржување на денешната средба кај претседателот, можно е до крајот на неделата Владата да одлучи да бидат воведени порестриктивни мерки
-Сите опциии за справување со епидемијата со корона кризата во Македонија се отворени. На владина седница вчера не дискутираше конкретно за прогласување на вонредна состојба, но се очекува прво да има седница Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски и исто така не се исклучува можноста до крајот на неделата Владата да има седница каде би донела други мерки за справување со ковид пандемијата, за што секако ќе информираме, потенцираше владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Инаку, здравствените власти велат дека епидемиолошката слика во земјава постојано се следи, и се е ставено во функција на справување со корона кризата. Постојано заседава и Комисијата за заразни болести, која досега препорача низа мерки за намалување на трансмисијата на вирусот, но досега не го препорачаа полицискиот час, иако министерот Филипче неколкупати истакна дека ниту таа непопуларна мерка не е исклучена.
Според извори на Фактор дел од членовите на Комисијата за заразни болести сметаат дека веќе од пред десетина дена наназад требаше да биде ограничено движењето на граѓаните од 21 до 5 часот изутрина, но според нивните изјави, прво се дава шанса на актуелните мерки.
Истовремено пак, премиерот Зоран Заев, завчера во интервју за ТВ 21 изјави дека, и здравствените власти и воопшто Владата размислува за некаква форма на карантин, напоменувајќи дека членови од Комисијата за здравство сметат дека ако се воведува полициски час, многу подобри резултати ќе има ако движењето на граѓаните биде ограничено веднаш по завршување на работното време, односно од 17 или 16 часот, наместо навечер од 21.
Во однос пак на воведување на вонредна состојба, премиерот истакна дека на тој начин Владата ќе може да одлучува за многу важни прашања.
-Јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Сепак, во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација, истакна премиерот Заев.
И покрај тоа што здравствените власти уверуваат дека од почетокот на месецов R факторот на преносливост се намалува, во текот на вчерашниот ден имавме повторно нова највисока бројка на новозаразени, 1406. Болничките капацитети, пак, забрзано се исполнуваат. Од денеска пациенти болни од Ковид-19 ќе бидат примани и на Клиниката за очни болести, каде има место за 33 пациенти. Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1271 и има колку 90 празни болнички кревети во ковид центрите.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.