Како што веќе пишувавме сметководителите не се задоволни од новиот закон за сметководство бидејќи како што велат тие тој содржи многу слабости и е оценет како враќање на сметководителството наназад. По тој повод сметководителите дојдоа на средба со министерот за финансии Драган Тевдовски и побараа измени во неколку клучни точки.
На консултативниот состанок во петокот, покрај сметководители, биле присутни и консултантски куќи, претставници на Комората на сметководители, професори од Економскиот факултет и претставници на здруженија.
„Се согласивме дека измените во законот мора да се направат согласно препораките на ИФАК, Меѓународната федерација на сметководители, која ги пропишува сметководствените стандарди. За да станеме нивна членка, треба да го почитуваме принципот на независност на Институтот на сметководители и овластени сметководители од Министерството за финансии. Тоа значи не смее да има мешање на државата во професионалното здружение. А во законот што го предложи Министерството за финансии се протежира државен протекционизам“, велат сметководители.
Како што велат тие во моментов потребно и многу важно е да зачленувањето на македонската струкова асоцијација во меѓународна федерација, со цел да можат и нашите сметководители да работат во 140 земји во светот. По тој повод како што објаснуваат, во моментов ИФАК презема активности за изедначување на сметководствените принципи и читањето на резултатите во цел свет.
„За тоа мора де си исполни и другото нивно барање – за доживотно учење на сметководителите, односно за континуирана едукација и полагање испити“, велат сметководителите објаснувајќи дека така ќе се подигне нивото на струката и квалитетот на услугата.
Институтот треба да биде непрофитна организација а не трговско друштво и треба да се занимава со издавање и одземање уверенија за сметководители и овластени сметководители, да работи на преводи и ажурирање на меѓународните стандарди за финансиско известување и да организира меѓународни средби.
Сметководителите бараат сами да го одредуваат надоместокот за услугите за тоа што професионално и стручно ќе го работат, а не тоа да го прави Министерството за финансии, а тие исто така побарале и нацрт-верзијата на законот да се повлече од ЕНЕР за период од 6 месеци, да се направат работни групи кои би ги додефинирале проблематичните делови на законот.