Ќе се стави ли крај на хаосот со такси – превозот во Скопје?!

1074

Дивите таксисти се уште слободно возат низ скопските улици. Од пет илјади такси возила кои гравитираат низ Скопје, дури половина од нив немаат дозвола за лиценца.

Возила без никаква ознака и без таксиметри кои ги узурпираат такси стојалиштата се речиси секојдневие. Здружението на такси превозници на Град Скопје алармира дека надлежни за контрола има ама само на хартија.

Таксистите ќе излезат на протести ако надлежните не ги разгледаат нивните барања. Повикуваат на итна средба со премиерот, министерот за транспорт и градоначалникот на Скопје. Бараат ревизија на такси станиците, решавање на проблемот со дивите превозници, почести контроли од сите инспекциски служби, како и воведување опомена и пониски казни.

Таксистите бараат да се отфрли жолтата табличка бидејќи поради несредените меѓународни договори тие не може да возат надвор од земјава.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека ќе ги разгледаат барањата и ќе се сретнат со Синдикатот, со цел да се види дали и во кој дел има можност законски да се интервенира. Оттаму потенцираат дека токму по барање на такси превозниците беа воведени жолтите таблички, преку измена на законот, чие отфрлање сега е дел од барањата на Синдикатот. Во врска со лиценците, од Транспорт велат дека задолжителен е сертификат за авто-такси возачи, што значи дека таксистите по автоматизам се лиценцирани.

Доколку за десетина дена не се сретнат со надлежните таксистите најавуваат блокади на скопските улици.