Здраво, сакам да ви ја раскажам мојата животна приказна, оној кошмарен дел од животот во кој беше мојот сопруг, мојот џелат.
Што да кажам, како да почнам не знам. Грешев, па веројатно ме стаса кармата, но многу строго бев казнета.
Го сретнав сосем случајно, ми се допадна, тој ме покани и почнавме да излегуваме. Поминаа месец – два кога случајно дознав дека е женет и веднаш му раскинав.
Но тој ме убедуваше дека неговиот брак е готов, дека жена му ништо не му значи и дека поднел тужба за развод. Му поверував, па помина речиси цела година додека тој навистина се разведе, па се зедовме ние.
Од првиот брак тој имаше две деца, тинејџери и отворено ми кажа дека не сака да има повеќе деца. Јас бев веќе толку многу вљубена во него, што со било какви услови ќе се сложев.
Бракот не беше сјаен. Тој често беше отсутен од дома, често одеше на службено патување, некогаш страсно водеше љубов со мене, а некогаш беше ладен и со месеци не ме пипкаше. Сето тоа ме вознемируваше и живеев во постојан стрес.
Кошмарот почна кога на рутински преглед ми открија дека имам рак на дојка. Правеа биопсија, ми оперираа дел, а потоа направија и целосна мастектомија на дојката.
За цело време покрај мене беше сестра ми, а тој неодложно мораше да оди на пат, секојпат кога нешто се случуваше со мене.
Само еднаш дојде да ме посети во болница, а тоа многу тешко ми паѓаше. Знаев дека повеќе не ме сака, ако воопшто некогаш ме сакал, сега се прашувам тоа.
Продолжив со зрачна терапија и хемотерапија. Еден ден бев многу нервозна и разочарана па тоа и му го кажав, дека никогаш не е покрај мене кога ми треба, а нели си кажавме дека заедно ќе бидеме и во добро и во зло.
Тој ми рече, добро, ќе дојдам со тебе, ќе те однесам во болница. Додека лежев на болничкиот кревет и се спремав за терапијата, тој ми рече дека одамна сакал да ми каже нешто, дека сакал да се разделиме.
Мене не ми се веруваше што слушам, па го прашав на што мисли конкретно, дали сака да се разделиме додека ми трае оваа ситуација или?
– Не, ми рече, сакам да се разведеме. Јас ја сакам Љубица, со неа сум веќе две години, со неа сакам да се оженам. Се заврте и си замина.
Мене ми се слоши, ми се сврте во главата, почнав да се тресам, целиот свет ми се заврте наопаку. А се’ уште хемо не примив. И’ се извинив на сестрата која се стрча да ми помогне, не знаеше што се случува со мене.
Поминаа неколку месеци од тогаш, месеци на агонија и понижување. Доаѓаше дома само да изнесе нешто. Ми го зеде и кожниот мантил кој наводно тој ми го купил! Ми го купи, да, но со мои пари!!
Се’ ми изнесе од дома, ама мене веќе ми беше сеедно и не обрнував внимание на тоа што зема со него. Јас се борев за животот а тој сакаше да ме закопа!
Еј, знаете што беше врв на неговиот безобразлук? Плачам додека го пишувам ова…не, липам! Пред два дена ми стигна тужба од него, каде во барањето за развод, бара половина од мојот стан кој го добив од татко ми!
Ееејјј, бара половина од станчето на татко ми, станчето во кое живеевме заедно, кадешто го прибрав, каде што мислев дека ќе свиеме свое семејство, кога се надевав дека ќе се предомисли и ќе имаме деца?
Со кое право бара дел од двособниов стан? Вложувал во него замислете, две шајки имал заковано. Не ми се верува.
Не можам да поверувам во каков монструм сум се вљубила, каков ѕвер од човек сум зела за маж. Ме остави во таква положба, крвнички ме повреди и уште сака на улица да ме остави. Веројатно е нестрплив, не може да ја дочека мојата смрт.
Аир да не види никогаш! Не знам како ќе заврши нашиот развод, не знам ниту јас како ќе завршам. Само едно знам – моиве солзи го колнат, аир никогаш да не види!
Името и презимето познати на редакцијата.