Кои се вашите права за замена на купен производ?

937

Не ретко се случува при купување на одреден производ да не ја погодиме големината на истиот, да се премислиме во врска со сличен производ или едноставно производот да не и се допаѓа на личноста на којашто сме и го купиле, па притоа да се јави потребата од замена на производот.

 

Во таа насока од адвокатската канцеларија Коневски посочуваат на одредбата од член 50 од Законот за заштита на потрошувачите, која што гласи “Потрошувачот има право кај трговецот кај кој е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини освен во случај на купен производ изготвен по нарачка од потрошувачот врз основа на писмен договор.

Потрошувачот правото од ставот 1 на овој член може да го оствари во рок од 15 дена од денот кога производот е купен.
Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметкопотврда кои на потрошувачот му биле издадени заедно со производот.

Ако во моментот на поднесувањето на барањето од потрошувачот трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара:
– да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен износ или
– да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ.

Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.“

Од наведената одредба произлегува дека не треба да постои некоја посебна причина за замена на производот, единствено условот истиот да не бил употребуван и да не бил изготвен по нарачка врз основа на писмен договор.

Полесно и послободно се купува кога си ги знаеме нашите потрошувачки права