Кој е Давид Писонеро: Сè што не сте знаеле за новиот тренер на Вардар!

735

Новиот тренер на Вардар, Давид Писонеро ќе го предводи клубот во наредните сезони, а пред да дојде во Скопје беше непознат за македонската јавност. Во продолжение може да се запознаете повеќе со неговото минато.

Давид Писонеро има 46 години и се смета за легенда на Ваљадолид. Голем дел од неговата кариера е поврзана со овој клуб. Тој е роден во истоимениот град и за Ваљадолид има играно во два наврати, од 1990 до 1995 и од 1998 до 2003 година. Тој беше соиграч со поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес. Колку добри рекометни стручњаци произведе Ваљадолид потврдува тоа што и Роберто Парондо има настапувано во клубот, а Давид Дејвис ја има поминато академијата на клубот.

Во периодот додека бил надвор од Ваљадолид, Писонеро има настапувано за Кантабриа од 1995 до 1997 година и Адемар Леон од 1997 до 1998 година. Во неговата кариера два пати ја освои титулата во Купот на Шпанија, по еднаш со Кантабриа и Ваљадолид. Во дуелот против Гросвалштат од Купот на градовите во 2000 година, Писонеро во првиот меч постигна 12 гола. Тој во реваншот беше исклучен заради тоа што го погоди противничкиот голман во глава од седмерец. Тоа правило беше воведено само во таа сезона, а Давид беше еден од првите играчи кој беше казнет за таков прекршок на правилата.

Писонеро има настапувано и за репрезентацијата на Шпанија, но само за младинските категории. Со младинскиот тим учествуваше на Светското првенство во Египет во 1993 година. Тој беше блиску до сениорската репрезентација за Олимписките игри во Сиднеј 2000 година кога беше на поширокиот список, но сепак не забележа настап. Интересно е тоа што Давид има најдобар процент на реализација во Асобал лигата од 73%.

Шпанецот својта играчка кариера ја заврши на 30 години поради тешка повреда на коленото. Тој мораше да прави дури пет операции на проблематичното колено. Откако заврши со играње продолжи да работи во младинските екипи на Ваљадолид, а во 2017 година го презема сниорскиот тим од Начо Гонзалез. Во првата сезона, Писонеро со Ваљадолид заврши на деветото место во Асобал лигата, а веќе следната сезона ја финишираше на седмото место. Тој има 15-годишен син кој тренира на академијата на Ваљадолид и се смета за еден од најперспективните играчи во Шпанија.

Писонеро денеска ги почнува подготовките со Вардар, а дебито на официјален натпревар ќе го има на Супер Глоуб турнирот во Саудиска Арабија.