Откако полицијата распиша национална потерница и почна да спроведува акции за пронаоѓање на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, тој се огласи на својот Фејсбук профил во кој вели дека е во Унгарија, каде што побарал политички азил од тамошните власти и истакна дека секогаш ќе остане верен на каузата на Македонија.
Информацијата дека Груевски е во Будимпешта вчеравечер ја потврдија министерствата за внатрешни и за надворешни работи, а МВР распиша и меѓународна потерница.
Како излегол од државата кога двата пасоши, приватниот и дипломатскиот му се во судот треба да објаснат институциите во Македонија, кои се надлежни за негово постапување. Јавноста се интересира и зошто до сега не беше одредена мерка притвор што би спречило негово бегство, со оглед на тоа што против него има повеќе обвиненија.
Каде е потфрлувањето, институциите едни на други си ја префрлаат топката за тоа каде е направен пропуст околу бегството на Груевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера топката ја префрли на судството, судот ја префрла на СЈО, а оттаму пак се уште немаат коментар.
Спасовски истакна дека по Груевски се трагало на неколку локации, се спроведувале други мерки, како прегледи на возила, а зајакнато било присуство на излезот од Скопје и на граничните премини.