Остануваат уште две недели до пристигнување на понудите за избор на проектант кој треба да го понуди најдоброто решение за мост и вијадукт на реката Вардар што ќе се градат веднаш од левата страна на зградата на Владата.
Проектот треба да содржи решение за продолжување на булеварот “Климент Охридски” кој преку мостот и вијадуктот би поминувал во тунел под Скопското Кале и би се поврзал со булеварот “Никола Карев” кај Пластичарската улица.
Тендерот за изработка на основниот проект беше распишан на 11 минатиот месец и постапката трае до 20 декември, за кога е закажано и јавното отворање на пристигнатите понуди.
– Избраниот проектант ќе треба да ги спроведе геомеханичките истражувања. Проектантот ќе треба да ги направи измените и дополнувањата на инфраструктурниот проект, земајќи го предвид фактот дека постојат проблеми со имотно-правните односи во делот на изведбата на идниот кружен тек, но и поради потребата да се направи анализа на потребата за проектирање на велосипедска патека – стои во тендерските услови.
Проектот за новата сообраќајница под Кале би се изведувала во три фази. Идната сообраќајница би има вкупно четири коловозни ленти за движење во двата правци.
Идниот проектант ќе има рок од 180 работни дена за да ја подготви проектната документација. Вредноста на проектантските услуги е проценета на околу 30 милиони денари.