Адвокатурата како уставно предвидена категорија има важна улога во секое демократско општество, но и централна улога во правосудниот систем. Со давањето заклетва адвокатот си зема задача да ги брани правата и интересите на странката која ја застапува притоа почитувајќи ги прописите.
- “Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи заклетвата која ја дава секој адвокат пред да заплива во адвокатските води.
Но за да може да ја оствари својата задача, системот треба да му овозможи гаранции за независност и принципи за заштита на доверливоста меѓу адвокат- клиент. И за Европскиот Суд за човекови права, адвокатурата има важно место, па преку праксата на Судот дополнително се штити оваа професија и се потенцира нејзината улога.
Кога како жалител пред Европскиот суд за човекови права се јавува адвокат, најчесто истиот се повикува на гаранциите од членот 8 од Конвенцијата. Овој член се однесува на правото на почитување на приватниот живот, домот и преписката. Можеби кај многумина има дилеми дали овие гаранции се примениливи и за професијата адвокат, но Европскиот Суд за човекови права преку својата пракса ни покажа дека „приватниот живот“, „домот“ и „преписката“ се гаранции целосно применливи и за адвокатите. Овој член ги опфаќа принципите на привилегиран однос и професионална доверливост меѓу адвокатот и клиентот.
- Поимот „дом“ од член 8 од Конвенцијата се однесува и на просториите во кои адвокатот ја врши својата дејност а поимот „преписка“ се применува на пишаната преписка но и електронските датотеки кои на адвокатот му се потребни за обавување на својата дејност и кои содржат податоци за неговите клиенти (правни акти/ совети/ белешки и сл).
Оваа година, ова прашање Судот го разгледуваше во случајот на Laurent v France (28798/13), каде жалителот- адвокат, тврдел дека му е повредена тајноста на преписка со својот клиент. Во конкретниов случај, адвокатот му предал документи на својот клиент во лобито на судската зграда, каде имало и полициски службеници. Од страна на полициските службеници биле одземени документите, па откако биле разгледани им биле вратени на адвокатот и клиентот. Но жалителот- адвокат сметал дека оваа постапка ја нарушила тајноста на неговата преписка со клиентите која се смета за тајна. Европскиот Суд за човекови права, во овој случај утврдил повреда на членот 8 од Коневенцијата.
- Проверката на преписката од страна на полициските службеници е незаконско постапување, кое нема оправдување ниту имало цел а за Судот целокупната постапка не била соодветна за едно демократско општество. Адвокатот има право да му предава документација и одредени пораки на својот клиент, истите треба да бидат третирани како тајни, па самото предавање на оваа преписка во судското лоби не било незаконски акт за да подлежи под полициска контрола.
Во рамки на членот 8 од Конвенцијата освен преписката, влегува и комуникацијата меѓу адвокатот и неговите клиенти. Во предметот Kopp v Switzerland (13/1997/797/1000), Судот го разгледувал прашањето на тајноста на телефонската комуникација меѓу адвокатите и клиентите. Во овој случај жалителот- адвокат, сметал дека му се повредени правата бидејќи била следена и неговата телефонска линија од страна на јавен обвинител кој водел истрага поведена против трето лице. Во овој случај, Судот утврдил повреда на членот 8 наведувајќи дека Швајцарското законодавство имало нејасни одредби кои се однесуваат на ова прашање. Судот сметал дека законот не предвидувал минимални права за заштита на адвокатите во вакви случаи, ниту било предвидено кој ќе направи дистинкција меѓу разговорите на адвокатот со своите клиенти, кои се тајни и разговорите кои се потребни за водење на кривичната постапка. За Судот било проблематично и тоа што целокупната комуникација на адвокатот била преслушувана од лице кое било дел од извршната власт без да постои надзор од независен судија. Судот, наведува дека комуникацијата на адвокатот влегува во рамки на чувствителна област на доверливи односи меѓу него и клиентите кои директно можат да се поврзат со правото на одбрана.
- Европскиот суд за човекови права, дава заштита и на деловните канцеларии на адвокатот, како и средствата за работа на адвокатот. Во случајот Smirnov v Russia (71362/01), жалителот- адвокат, се жалел бидејќи биле претресувани неговите канцеларии и бил одземен неговиот компјутер од страна на полицијата, со образложение дека им се потребни докази за негови клиенти кои се сомничеле за учество во организиран криминал. Компјутерот бил одземен со образложение дека таму се наоѓаат докази против овие лица.
Европскиот суд навел дека оваа постапка довела до повреда на членот 8, бидејќи била повредена професионалната тајност, на непропорционален начин и без легитимна цел. Судот истакнал дека жалителот-адвокат не бил осомничен во конкретниот случај, истрагата била водена со сериозни нарушувања на професионалната тајна а законот оставал преширока можност за полицијата да одземе се што таа смета дека треба да се заплени. Судот разгледувал ваков предмет против Австрија, но во овој случај разлика било тоа што при пребарувањето на компјутерот на адвокатот имало преставник на Адвокатската Комора. За Европскиот Суд оваа гаранција не била доволна ниту пак можела да го спречи незаконското постапување на полицијата. Судот навел дека и покрај тоа што пребарувањето на електронските податоци било вршено во присуство на претставник на Комората на адвокати, сепак тој не бил во можност ефикасно да го надгледува овој процес, ниту пак полицијата го известила што конкретно бара во компјутерот сопственост на адвокатот, па тоа довело до повреда на правата од Конвенцијата.
Во случајот Iliya Stefanov v Bulgaria (65755/01), жалителот– адвокат сметал дека му се повредени правата од Конвенцијата бидејќи неговите канцеларии и материјали биле пребарувани од полицијата во присуство на двајца сведоци, под сомнение дека извршил изнуда. Судот при разгледување на овој предмет, навел дека претресот бил вршен врз основа на налог, но налогот бил општ, што и дало можност на полицијата да изврши проверка на речиси сите материјали во канцеларијата на адвокатот. Сето тоа довело до повреда на професионалната тајност.
- Судот навел и дека и покрај тоа што претресот бил вршен во присуство на сведоци, тие немале допирни точки со правото и поради тоа не претставувале заштита на правата на жалителот, туку биле само формално присутни при претресот. Спорно прашање за Европскиот Суд било и тоа што Бугарскиот закон не давал можност, адвокатот да ја оспори законитоста на претресот, па тоа довело Судот да утврди уште една повреда, односно повреда на членот 13 од Конвенцијата (правото на ефективен правен лек).
Европскиот суд за човекови права, го разгледувал и прашањето на претрес на адвокатски канцеларии од страна на даночните служби. Па така во случајот Andre & others v France (18603/03), адвокатот се жалел дека неговите канцеларии и документи биле претресувани од даночните служби, кои тврделе дека клиент на адвокатот врши даночно затајување. Од страна на даночните служби биле одземени голем број на документи, рачно напишани белешки и лични документи на адвокатот. Овие документи биле одземени и покрај противењата на адвокатот и претставникот на Адвокатската комора. Повторно и во овој предмет, Судот потенцира дека во вакви случаи не смее да постои налог за претрес кој е прешироко поставен и со кој се дава можност но и широки овластувања на надлежните органи да ја прегледуваат целокупната документација на адвокатот која е заштитена како тајна. Судот потенцирал дека жалителот-адвокат не бил осомничен дека врши даночно затајување, туку тоа биле негови клиенти за кои било тешко да се прибават докази. За Судот тоа не било релевантна основа даночните служби да ги прегледуваат сите документи кои биле во канцеларијата на адвокатот, па затоа сметал дека активностите биле непропорционални со целта (утврдување даночно затајување).
Во случајот Robathin v Austria (30457/06), Судот повторно лоцирал повреда на членот 8. Во конкретниов случај бил вршен претрес во адвокатска канцеларија и биле прегледувани сите документи на адвокат кој бил осомничен дека сторил измама на негови клиенти и кражба. По спроведената истрага не било поднесено обвинение кон адвокатот. За Европскиот Суд било спорно прашањето на проверка на сите материјали во адвокатската канцеларија од страна на полицијата а не само оние документи кои се однесувале на оштетените кои тврделе дека се жртви на измама и незаконски дејствија од страна на адвокатот.
- Во сите овие предмети, заедничко е што Судот спорните прашања ги разгледувал низ призмата на привилегијата на адвокат- клиент. Пред да утврди дали постои повреда на правата од Конвенцијата, Европскиот Суд за човекови права, спроведува тест односно цени дали мешањето во „приватниот живот“, „домот“ и „преписката“ на адвокатот е направено врз основа на закон; дали постои легитимна цел за мешањето и дали тоа може да се смета за неопходно и соодветно во едно демократско општество.
Најчесто поголемиот број од предмети го поминуваат првиот и вториот дел од тестот, но оправдување не можат да најдат во третиот дел а тоа е дали постапките се соодветни и неопходни за едно демократско општество.
Слични ситуации на прекршување на правата на адвокатите се познати и во нашата држава. Токму поради тоа потребно е членовите на законодавната власт, да направат соодветни промени во определни закони како адвокатите би ја уживале потребната заштита на нивните права. Адвокатите се битна алка во правосудниот систем, а не само вокација, па нивната борба за почитување на човековите слободи и права, еднаквост и општествени промени е можна само преку нивна заштита и чување на адвокатурата од постапки спротивни на домашното и меѓународното право.
Кратка биографија за авторот
Павлина Зефиќ, формира своја адвокатската канцеларија во 2013 година. Од 2008 -2013 е дел од граѓанските здруженија кои работат на областа на заштита на човекови слободи и права. Во фокус на нејзината работа се човековите слободи и права, стратешки застапувања во случаи на дискриминација и застапувања пред Европскиот Суд за човекови слободи и права. Досега има поднесено голем број на жалби пред меѓународниот Суд, од кои во поголем дел е утврдена повреда на Конвенциските права.
- Активен член е на Македонското здружение на млади правници и дел од проектите кои ги спроведува Здружението.
- Од 2014-2017 година е предавач на тема актидискриминациско право, проект спроведен со поддршка на Мисијата на OSCE Канцеларија во Скопје, Адвокатската Комора на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители.
- Се јавува како предавач за Законот за кривична постапка, проект спроведен од Адвокатската Комора на Република Македонија.
- Автор е на анализи подготвени од домашни и меѓународни организации.
Превземено од http://janakiznae.mk/