Комичарот Владимир Зеленски кој според првичните резултати од преброените гласови на претседателските избори во Украина, победи во првиот круг, порача дека направил голем чекор кон конечната победа.
„Ова е само првиот чекор кон големата победа. Ние сме млади луѓе. Не сакаме да ги гледаме работите од минатото во нашата иднина“, порача Зеленски по затворањето на гласачките места вчера во Украина.
Според досегашните податоци, Зеленски освоил 30,4% од гласовите и во вториот круг за претседателската функција ќе се бори со актуелниот претседател Петро Порошенко за кого гласале 17,8% од гласачите.

Украинската полиција соопшти дека добила повеќе од 1,600 жалби во врска со неправилностите во изборниот ден, заедно со уште стотина обвинувања за обиди за подмитување на гласачите и носење на заокружени гласачки ливчиња на гласачките места.
„Нов живот, започнува нов живот. Живот без корупција, без подмитување“, порача Зеленски после гласањето.
На претседателските избори во Украина, силата ја одмерија дури 39 кандидати, а анкетите во пресрет на изборите покажаа дека Зеленски, актер кој глуми претседател во комичен ТВ серијал, има најголема поддршка на гласачите.
Истражувањата покажаа дека ниту еден од кандидатите нема да успее да освои 50% плус еден глас за да победи уште во првиот круг, па така на 21-ви април ќе биде одржан вториот изборен круг со двајцата најдобро пласирани кандидати.
Украинците бираат претседател за кој се надеваат дека земјата со 42 милиони жители ќе ја извлече од кризата, ќе ја искорени корупцијата и ќе ја реши кризата со про-руските терористи кои источните делови на земјата и натаму ги држат под своја контрола.