Научниците откриле дека пет клучни гени се одговорни за потешкиот тек на КОВИД-19 и оваа генетска трага мора внимателно да се проучи за поефикасен иден третман, пренесуваат Франс прес и Ројтерс.
Агенциите цитираат научна публикација во списанието „Природа“ и главниот автор Кенет Бејли од Универзитетот во Единбург.
Неговиот тим ги анализирал геномите на повеќе од 2.000 пациенти со тешка слика на КОВИД-19. Споредувајќи ги со генетските податоци на здрави луѓе, идентификувани се генетските секвенци својствени за луѓето со тешка болест кај новата инфекција со коронавирус.
Овие низи играат важна улога во имунолошкиот одговор на организмот во неговата борба против патогенот.
Изолирани се пет гени IFNAR2, TYK2, OAS1, DPP9 и CCR2. Нивната улога е да ги кодираат протеините вклучени во одговорот на телото на инфекцијата. Теоретски, со влијание врз овие состојки, сериозноста на болеста може да се намали.
“Во нашата студија, откривме дека луѓето кои произведуваат поголеми количини на TYK2 протеин се изложени на поголем ризик од тешки форми на КОВИД-19. И на пазарот има лек што го инхибира”, рече Кенет Бејли.
Групата лекови кои го ограничуваат дејството на наведениот протеин се нарекуваат инхибитори на Јанус киназа и се користат за лекување на ревматоиден артритис.
Од друга страна, Кенет Бејли рече дека се спроведуваат експерименти со синтетички антитела за да се ограничи дејството на протеинот CCR2. Тимот повика итно да се тестираат инхибаторите на пациенти со тешка слика на КОВИД-19.