Конечно откриено зошто телохранителите на Ким секогаш трчаат покрај неговата лимузина: Лидерот ја добил идејата кога гледал еден популарен филм

714

Секогаш кога севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, ќе се појави во јавноста, посебно на големите и важни самити во странство, светот го обиколуваат снимки од телохранители кои трчаат покрај неговото возило.

Тие биле голема атракција минатата година во Сингапур, каде Ким се состанал со американскиот претседател Доналд Трамп, а од тогаш сме ги виделе уште неколку пати.

Во книгата “Божествено совршената судбина на брилијантниот другар Ким Јонг Ун”, дописничката на “Washington Post”, Ана Филфилд открива дека Ким ја добил идејата за човековиот штит од Клинт Иствуд.

“Како дете го гледал филмот “In The Line of Fire”, во кој Иствуд глуми агент на американската разузнавачка служба кој го чува он Ф. Кенеди, кога бил убиен во 1963-та година. Ликот на Иствуд и другите агенти трчаат покрај возилото на претседателот”, објаснува авторката на книгата.

Многу е тешко да се стане телохранител на севернокорејскиот лидер. Според зборовите на Лиј Јонг Гук, телохранител на покојниот Ким Јонг Ил, таткото на сегашниот лидер, “тоа е потешко од провлекување низ иглени уши”.

Кандидатите се бираат од редовите на војската и мора да положат низа тестови, а се оценува нивното здравје, видот, изгледот, личноста, семејната историја.

“Мора да имаат добри политички препораки и потекнуваат исклучиво од најлојалните семејства”, се наведува.

Исто така, мора да имаат слична висина како Ким и влегуваат во групата ретки граѓани кои смеат да носат оружје во негова близина.

Телохранителите мора да бидат одлични стрелци, да знаат теквондо, да знаат да фрлаат ножеви, да бидат добри пливачи и да знаат маршевски чекор, а најважно е да бидат лојални.

Иако се вооружени, телохранителите во главно се потпираат на своите раце и нозе кога треба да се изборат со опасност.

За да го заштити лидерот, Северна Кореја применува специјални мерки, вклучувајќи дегустирање на храна пред да му биде послужена.