Никакви реакции од Европската Унија нема да влијаат на ставот на Русија за давање на руско државјанство на жителите на украински Донбас, изјави постојаниот руски претставник во Европската унија, Владимир Чизов.
Откако Москва донесе контроверзна одлука за да им доделува руски пасоши на украинските Руси кои што живеат на истокот на Украина, следуваа жестоки реакции на украинските власти, но и на западните сили.
Русија најпрвин ги финансираше про-руските терористи во војната која што изби на истокот на Украина и практично се уште трае, потоа го прекрши меѓународното право и го анексираше украинскиот полуостров Крим, а сега спроведува уште една контроверзија, која наиде на жестоки реакции од Киев и Западот.
Чизов за руската новинска агенција „ТАСС“ изјави дека ставот на Брисел „може да се претпостави прилично лесно“ во рамките на општиот политички став на Европската унија.
„Како и да реагираат, не мислам дека тоа на било кој начин ќе влијае значајно на ставот на Русија“, порача Чизов и напомена дека одлуката за поедноставување на процесот за добивање на руски пасош „не е донесена одеднаш“.
Претседателот на Русија, Владимир Путин деновиве ја потпиша одредбата за поедноставување на процедурата за добивање на руски пасош за жителите на регионите Донбас и Луганск во источна Украина.
Украинското Министерство за надворешни работи остро реагираше на ваквата одлука на Москва која аналитичарите сметаат дека е обид на Русија да ја подели Украина.