Виртус Болоња оваа сезона игра одлично. Избранците на тренерот Александар Џорџевич се без пораз во Еврокупот (7-0), а се наоѓаат на четвртото место во италијанското првенство со скор 5-3. Во своите редови српскиот стратег го има неговиот омилен бековски тандем сочинет од Милош Теодосич и Стефан Маркович, како и американското трио составено од Кајл Вимс, Џулијан Гембл и Винс Хантер. Вчера дополнително ја засилија својата чета. Еден од најдобрите шутери кој го дала Европа, се враќа во својата родна земја.Марко Белинели е најновото засилување за “црно-белите”. Италијанскиот репрезентативец беше избран како 18-ти пик на NBA драфтот 2007 година. Претходната сезона бележеше просек од 6.3 поени и 2 скока за (само) 15.5 минути поминати на паркетот во дресот на Сан Антонио. Лани добиваше најмала минутажа во досегашниот тек на својата кошаркарска приказна.
Популарниот “Роки” како што го нарекуваат фановите по неговата сличност со легендарниот глумец Силвестер Сталоне, е 13 годишен NBA ветеран. Во својата богата кариера има настапувано за Голден Стејт, Торонто, Њу Орлеанс, Чикаго, Сакраменто, Шарлот, Атланта, Филаделфија и во два наврати за тимот на Сан Антонио Спарс. Токму со “мамузите” ја освои шампионската титула во 2014-та година.
На свои полни 34 години, Белинели потпиша три годишен договор тимот од Болоња. Со себе носи огромно искуство и убиствен шут од далечина. Клубот великан на италијанската кошарка во последните години покажува огромни амбиции за влез во Евролигата. Марко ги направи своите кошаркарски почетоци токму во северот на својата татковина, поделувајќи 5 сезони помеѓу Виртус и Фортитудо.
Димитар Младеновски