Косовците слават Муричи ќе игра во Скопје, од Рим велат – останува во Лацио!?

501

Репрезентацијата на Косово доживеа уште еден пех попладнево пред историската пресметка со Македонија задутре вечер во Скопје (20.45 часот) во полуфиналниот бараж за пласман на Евро 2020, откако и дефинитивно Ведат Муричи од Лацио отпаѓа од списокот на селекторот Бернард Шаланде, според информациите од Италија, иако на Косово низа медиуми славенички објавуваат дека првиот напаѓач ќе биде во составот.

Муричи, кој има повреда на мускулот, денеска имаше нова серија на тестови, но тоа што уште синоќа се најавуваше дека Лацио нема да го пушти, се оствари, откако медиуми блиски до римските одли „објавија“ дека Муричи останува во тренинг-кампот „Формело“ за да работи на програмата за рехабилитација и да биде подготвен за две недели за пресметката со Сампдорија.

Муричи, кој прво закачи коронавирус и оздраве од истиот, има мускулна повреда од втор степен и во „Формело“ проценките се дека во моментов не е во состојба да игра и дека мора да ја продолжи рехабилитацијата за да биде подготвен по репрезентативната пауза да дебитира за Лацио, каде дојде за 18 милиони евра од турски Фенербахче.

Но за разлика од овие вести од апенините, на Косово се слави дека Муричи добил дозвола да игра, иако засега од таборот на репрезентацијата нема потврди за такво нешто.

Првата ѕвезда Милот Рашица, Идриз Воца и Хекуран Криезиу се фудбалерите што не се во комбинација, а изостанокот на Муричи ќе биде уште еден голем хендикеп.