Косовските специјалци ја заземале хидроцентралата на северот кој го контролираат Србите! Властите во Белград “Ја кренавме војската во состојба на полна борбена приправност”

1208

Косовските специјални полицајци, припадници на единицата “РОСУ”, во саботата го заземале вештачкото езеро и хидроцентралата Газивода, пишува “Blic”, а специјалците упаднале и во Центарот за екологија и развој на спортот во непосредна близина на хидроелектраната, јавуваат и други српски, но и косовски медиуми.

Акцијата, според информациите на “Blic”, ја извеле 60 вооружени специјалци кои го обиколиле езерото и, како што тврдат, ги врзале Србите вработени во хидроцентралата.

“Тие носат долги цевки, а еден дел од нив имаат фантомки”, пренесува “Tanjug”.

Езерото Газивода и хидроцентралата се стратешки погон на северот на Косово, на границата со Србија, со кој управува “Електропривреда Србија”, а околу сопственоста и начинот на управување веќе долго време се спорат Белград и Приштина. Од споменатата хидроцентрала, со електрична енергија се снабдува поголем дел од северот на Косово, каде мнозинството од населението го сочинуваат етнички Срби и каде косовските институции слабо функционираат.

Српската страна тврди дека Албанците бараат да им се предаде Газивода во замена за остварување на ветувањето од договорот за формирање на Заедничко собрание на српските општини, своевидни самоуправни институции во српскиот дел од северот на Косово.

Потпретседателот на српската влада и министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, им наредил на полицијата и на сите специјални и посебни единци на полицијата да се стават во состојба на највисока приправност, стои во соопштението на српското МВР.

“По повод нападот на Албанците на северот на Косово и Метохија и апсењата на Србите кои не направиле никакво казнено дело, им наложив на управниците на полицијата сите специјални и посебни единици на полицијата да се стават во состојба на приправност поради нападот на албанските специјалци на Срби на северот на КиМ”.

По акцијата на косовските полицајци, покрај езерото бил снимен косовскиот претседател Хашим Тачи, кој изјавил дека дошол “да се прошета во природа”.