Ковачевски: Одлуката на Уставниот суд за платите е конечна

353

Според премиерот, ако Уставниот суд ги поништел- место да ги укине членовите од законот, на функционерите ќе требало да им бидат исплатени од буџетот разлики со камати во висина од 100 милиони евра.

„Одлуката на Уставен суд со која се укинуваат одредби од законот за плата е конечна и треба да се почитува. Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Се работи за шпекулации во најголем дел“, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата. Одговарајќи на новинарско прашање, по повикот на претседателот Стево Пендаровски да не се покачуваат платите на функционерите во време на криза, Ковачевски вели дека одлуката на Владата е фер и праведно платена работа за сите.

„Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе има конзистентност за сите функционери. Владата работи и на изработка на нов општ колективен договор. И минималната и просечната плата, како и висината на пензии е на највисоко ниво досега. Секој граѓанин треба да живее достоинствено и да му се вреднува трудот“, вели премиерот.

Избегнат трошок од 100 милиони евра

Реакцијата следи откако Уставниот суд неодамна укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Ковачевски презентираше допис од Министерството за труд и социјална политика до Генералниот секретаријат на Владата, а кој Владата го доставила и до Уставниот суд. Тврди дека Владата останала на своето мислење дека платите треба да останат такви какви што се.

Ковачевски вели дека доколку Уставниот суд ги поништел членовите од овој закон, тоа ќе значело дека на сите избрани функционери во изминатите 11 години, ќе требало да им се исплатат разликите во плата, со камати, што ќе предизвикало трошок за буџетот од 100 милиони евра.