Крвав терористички напад во Колумбија: Со автомобил со 80 килограми експлозив удрил во полициска академија! Загинало 21 лице, десетици ранети

754

Најмалку 21 лице загинало, а 68 биле ранети во експлозија на авто-бомба во Колумбија, изјавила локалната полиција.

Терористичкиот напад се случил вчера во 9:30 часот по локално време, пред полициската академија во колумбискиот главен град Богота. 

Возачот на автомобилот, кој се разнел, идентификуван е како 57-годишниот Хозе Алдемар. Ниедна терористичка група засега не преземала одговорност за нападот.

Колумбискиот претседател Иван Дуке се вратил во главниот град од западот на земјата, каде бил на состанок посветен на безбедноста и им наредил на безбедносните сили да ги најдат одговорните и да ги приведат пред правдата.

“Сите Колумбијци го отфрлаат тероризмот и се обединети за да му се спротивстават”, напишал на Твитер колумбискиот претседател.

Тој рекол дека нападот на “нивната младина и слобода” нема да мине неказнето и објавил тридневна жалост.

Сивиот “Нисан Патрол” пришол кон полициската академија “Генерал Сантандер”, во која се одржувала промоција за кадети. Кога стражарите се обиделе да го сопрат возилото, возачот дал гас и удрил во ѕид, а потоа автомобилот експлодирал.

Во возилото имало 80 килограми експлозив. Хозе Алдемар немал криминално досие, а се проверува дали зад нападот стои Националната ослободителна војска.